ВМРО-ДПМНЕ најавува голем собир на граѓаните во СЦ „Борис Трајковски“

ВМРО-ДПМНЕ в недела напладне во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје ќе одржи голем собир на граѓаните, од кој ќе бидат испратени политички пораки од повеќе личности, меѓу кои и од претседателот на партијата, Никола Груевски.

Организирањето на овој собир, кој е планиран како трибина, доаѓа како резултат на автохтона иницијатива на повеќе општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ и искажаната енергија што членството ја чувствува по најновите политички настани и потребата од одговор.

Не се исклучува можноста овој настан да биде почеток и дел од еден можен карван, кој би продолжил понатаму во повеќе градови низ државата. Сепак, во моментот се уште не се знае како ќе изгледа завршницата на оваа иницијатива.

„Јавноста низ целата држава ќе има можност да ги чуе позициите на партијата за повеќе актуелни теми и предизвици, ќе се испратат јасни пораки, за она што се залагаат и она што го планираат во наредниот период“ – објасни изворот од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму истакнуваат дека ова е исклучително важен период за државата и за граѓаните, и обврска е на партијата е да одговори со аргументи и со конкретни поенти. Од партијата посочуваат дека присуството на настанот во салата „Борис Трајковски“ во недела ќе биде слободен за сите граѓани на Македонија, на поддржувачи и симпатизери. Од таму истакнуваат дека партијата е свесна за обврската што ја има преземено од граѓаните и граѓаните очекуваат одговор на своите реални секојдневни потреби барања и прашања.

„И покрај тоа што СДСМ сака да ги замрзне и да фрли сенка на сите позитивни процеси во државата што беа почнати во повеќе сектори од страна на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и последново намалување на невработеноста, нашата партија опстојува и ќе продолжи со реализација на своите ветувања и преземени обврски кон граѓаните. Ние сме им должни на граѓаните да го реализираме тоа што го ветивме, а им ветивме повеќе работни места, носење инвестиции, зголемување на платите, пензиите, социјалната помош, подобро здравство, нови болници, нови училишта, поддршка на земјоделците и многу други проекти поради кои граѓаните ни дале доверба на претходните избори. Ние имаме конкретна програма и држиме до дадениот збор дека ќе ја реализираме“ – изјавуваат во ИK на ВМРО-ДПМНЕ.