Социјалната помош годинава ќе се зголеми за 10 проценти

Зголемувањето на социјалната помош за десет, наместо планираните пет проценти за годинава е показател за определбата на Владата за постојана помош и поддршка на најранливата категорија граѓани, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

„Изминатите години, односно од 2006 до 2014 година, социјалната парична помош е зголемена за цели 47 проценти, меѓутоа, сепак, не застануваме тука. И покрај тоа што во Програмата на Владата е определено дека и социјалната и постојаната парична помош оваа година треба да се зголеми пет проценти се одлучивме таа да се зголеми за 10 проценти и да започне со исплата во јули годинава“, рече министерот за труд и социјална политика одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.

Тоа, потенцира Спасов, е дополнително значително зголемување или за околу 12 месеци овие наши сограѓани, околу 30.000 приматели на социјална парична помош и околу 5.300 приматели на постојана парична помош, ќе добијат значително поголем износ на средства, односно за 12 месеци околу 145 милиони денари ќе бидат одвоени дополнително за зголемување на ова право.

Спасов најави дека и Владата и министерството со кое тој раководи и натаму ќе продолжат со реализација на низа проекти кои ќе значат поголема финансиска поддршка на најранливата категорија на граѓани.