Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски, одржаа конференција за медиумите на која што информираа за мерката Обука киај познат работодавач.
„Целта на денешната прес конференција е да ја информираме јавноста, но пред се невработените лица и приватните компании за новата можност која што е ставена во функција односно за Обука кај познат работодавач, мерката која што ја реализираме како Министерство за труд и социјална политика и Агенција за вработување, мерка за која што во текот на утрешниот ден ќе излезе јавен повик за сите невработени лица активни баратели на работа и за приватните компании”, истакна Спасов. Тој појасни дека станува збор за мерката Обука кај познат работодавач, со која што се планира оваа година да се опфатат 1000 невработени лица за чија што реализација се обезбедени 22.600.000 денари, во буџетот на Агенција за вработување преку ИПА програмата односно 2 грант за Агенцијата за вработување.
„Обуката ќе се реализира во реални работни услови на работните места кај приватните компании кои што ќе аплицираат за искористувањето на оваа мерка при што, невработеnите лица ќе имаат можност за обука на работно место во период од 3 месеци за што ќе добиваат по 6200 денари месечно заедно со осигурување при повреда при работа. Исто така би сакал да потенцирам дека приватните компании ќе добијат финансиски надоместок за реализација на обуките за невработените лица во износ до 25.000 денари. Ова е одлична можност за невработените лица со оглед на фактот со оглед на фактот што најмалку 50% се зголемуваат можностите за да се вработат”, рече Спасов и продолжи:
„И за привaтните компании е одлична можност да ги обучат невработените лица кои што сакаат да ги вработат и 50% од нив да задржат на работа. Имено само минатата година само во оваа мерка учествуваа 569 лица од кои што во моментот се вработени вкупно 305 лица кои што пред оваа мерка биле невработени. Би сакал да ги повикам сите невработени лица да аплицираат за оваа мерка и да ги зголемат можностите за нивно вработување како и сите приватни компании”.– рече Спасов.
Примателите на социјална парична помош кои ќе учествуваат во мерката ќе продолжаат да го остваруваат правото за време на обуката. Новитет е тоа што Агенцијата за вработување го воведува и меил системот за информирање на приватните компании, практичо од утре па натаму сите приватни компании во Р.Македонија ќе бидат информирани преку електронска пошта за можностите кои што ги има односно за огласите кои што ги објавувавме во соработка со АВРМ додека пак како и досега односно минатата година ќе се продолжи со СМС информирање на невработените лица кои што се активни баратели на работа и кои што сакаат да учествуваат во овие мерки кои што ги нудиме за невработените лица.
„Агенцијата за вработување на Република Македонија преку активните мерки и програми за вработувања за невработени лица и помош на компании за обезбедување на квалитетен кадар и оваа година очекуваме преку оваа мерка, дека голем број на компании ќе изјават потреба да го обучат својот нов кадар, а подоцна од нив да изберат најмалку 50 % од таа група која што ќе ја обучуваат и да ги ги вработат најмалку 1 година после обучниот период. Мора да нагласам доколку се работи за лица кое што е под 29 години ја помине оваа обука ќе може работодавачот да смета и на ослободување на придонеси во текот на првата година од вработувањето”посочи Влатко Поповски. Досега од оваа мерка се склучени 7046 договори за обука, а од тое се вработени 5034 лица а сеуште работат 4471 лице.