Со изложба на фотографии и кратки филмови, вчера во Кинотеката на Македонија се одржа централната манифестација во рамките на кампањата со која беше одбележан 21 Март – Светскиот ден на луѓето со Даунов синдром.
Во присуство на амбасадорот на Обединетото кралство Чарлс Герет, ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Јордан Плевнеш како и членови на здружението на лица со Даунов синдром, се обрати министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Во своето обраќање министерката за култура истакна дека кампањата е можност сите да дадат свој придонес во подигањето на свеста за лицата со Даунов синдром кои со својот специфичен сензибилитет се рамноправни и корисни чинители во општествената заедница.
„Почитувањето на различностите е можеби најважниот сегмент во комуникацијата меѓу луѓето, сегмент кој ги збогатува нашите искуства, нашите сознанија. Лицата со Даунов синдром својата најголема поддршка ја наоѓаат во најблиските, во семејствата, но сите ние имаме одговорност да им помогнеме на овие лица што повеќе да се социјализираат и да ги развиваат своите потенцијали. Уверена сум дека токму меѓу најмладите со Даунов синдром се кријат безброј таленти, деца со посебно чувство за музика, за ликовна уметност, млади актери кои мораме да ги охрабриме еден ден да станат големи уметници кои ќе ја претставуваат својата држава, Република Македонија, во светот“ – рече министерката Канческа-Милевска.
Во своето обраќање министерката за култура потсети дека Владата на Република Македонија ја презентираше својата грижа за лицата со посебни потреби преку програмата на Министерството за труд и социјална политика за вработување на 300 лица со инвалидитет. Таа информираше дека наскоро ќе бидат реализирани и уште неколку вработувања, конкретно во институциите од областа на културата, преку кои лицата со посебни потреби, со своето дејствување, активно ќе придонесат во работата на установите.
„Министерството досега поддржа повеќе проекти за лицата со посебни потреби, како што е формирањето на библиотечниот центар во рамките на НУБ „Св. Климент Охридски”, а во тек е реализацијата на проектот за поставување пристапни рампи во сите институции со што ќе се овозможи комплетна интеграција на овие луѓе во сите сфери на општественото живеење. Во рамките на заложбите за подобрување на квалитетот на животот на лицата со посебни потреби, ќе споменам дека спроведовме и неколку мерки кои овозможуваат овие граѓани бесплатно да ги следат културните содржини во институциите од областа на културата, а нашите настојувања во иднина ќе бидат овие лица да бидат и активни чинители во креирањето на културните содржини“ – рече Канческа-Милевска.
На манифестацијата, која беше во организација на Центарот за Даунов синдром, присутните гости имаа можност да го проследат првиот краткометражен филм „Најдолгите три секунди“, во режија на Ефтим Трајчов Ѓаурски, во кој главната улога ја толкува Гоце Маринковски, лице со Даунов синдром.