Утре, сабота, 21-ви март, со почеток во 12:00 часот, во галеријата на Центарот за култура „Григор Прличев“ Охрид, ќе биде отворена изложбата: „ДИВИТЕ БИЛКИ ОД МОЈОТ КРАЈ“.
Домаќин на изложбата што ќе биде отворена во Охрид, во знак на добредојде на пролетта, е еколошкото друштво „Грашница“ кое е еден од пионерите на еколошкото движење во Македонија.
„Се работи за оригинална, патувачка поставка на цртежи, хербариуми и фотографии изработени од волонтери (деца од основни училишта, планинари и рекреативци, собирачи на диви билки и ентузијасти), сите обединети во проектот: „Поврзување на луѓето со природата – зајакнување и вмрежување на граѓанските здруженија во Македонија“. Овој проект е развиен од страна на Македонското еколошко друштво во соработка со Плантлајф од Велика Британија, и се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.“ -информираат од ЕД Грашница.
Целта е да се зајакнат капацитетите на локалните организации кои соработуваат со волонтери за заштита на природата, особено во областа на зачувување на растителниот свет и преземање акции кои би придонеле кон имплементација на ЕУ регулативите за зачувување на мрежата Натура 2000.
„Посетителите ќе имаат можност да видат претстава за дивите билки што најмногу ги познаваме и најчесто ги користиме, но и неколку овековечени кралици на царството што брои илјадници диви растенија што векуваат во пазувите на значајните растителни подрачја на Илинска-Плакенска Планина, Баба Сач-Лубен и на Шар Планина.“- велат од ЕД Грашница.
Изложбата беше иницирана од страна на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно‟, од с. Слоештица којшто ги координира активностите на проектот што се спроведуваат на подрачјето на Илинска-Плакенска Планина во делот на општина Демир Хисар. Симболично, поставката од детски цртежи, хербариуми и оригами беше отворена во август минатата година, на манифестацијата „Славење на пирејот“ што традиционално се одржува во чест на бардот на македонската литература Петре М. Андреевски.
Имагинацијата и ентузијазмот на волонтерите и интересот на публиката ги инспирираше партнерите вклучени во проектот да ја прошират првичната поставка и со дела изработени од волонтерите од регионот на Шар Планина како и од охридската страна на масивот на Илинска-Плакенска Планина и да организираат патувачка изложба!
Сега проширената поставка на изложбата содржи оригинални фотографии изработени од ученици-волонтери од пет училишта од Значајното растително подрачје Шар Планина, регрутирани преку невладиниот Центар за едукација и развој (ЦЕД) од Теарце, како и фотографии направени од членовите на најстариот планинарски клуб во земјава – ПК Љуботен од Тетово. Од друга страна, тука се и фотографиите од растенијата кои се најмногу експлоатирани од собирачите на падините на Илинска Планина од охридската страна, а ги направија волонтерите на ЕД Грашница.