Министерот Адеми присуствуваше на натпреварот „Наноматеријали – материјали на иднината“

Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денеска пристуствуваше на третиот по ред натпревар „Наноматеријали – материјали на иднината“, во организација на Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје, под покровителство на Министерството за образование и наука.

„Ме радува фактот што овогодинешниот одѕив и интерес на средношколците е огромен, особено што станува збор за научна популарна проблематика. Како и претходните две години, така и оваа година, уверен сум дека тие подготвија одлични проекти, со многу интересни идеи, за примена на наноматеријалите“, истакна министерот Адеми.

Министерството за образование и наука, напомена министерот, секогаш ги поддржува ваквите натпревари, затоа што тие го развиваат и поттикнуваат натпреварувачкиот дух кај учениците, нивните ментори и училиштата.

„Овие натпревари придонесуваат да се урнат табуата од минатото за техничките факултети дека малкумина можат да дојдат до посакуваната диплома. Иднината е токму во овие науки. Во развојот и примената на новите материјали и технологии. Наноматеријалите и нанотехнологијата имаат огромна примена во сите гранки на индустријата, па дури и во медицината. Тоа се материјали без кои светските гиганти кои отвораат свои фабрики и во нашата држава не можат да го замислат производството“, рече Адеми.

Оваа година за учество на наптпреварот се пријавија 228 тима со ист број проекти, со по 2 учесници од 52 училишта од Република Македонија.