Членовите на литературниот клуб „Григор Прличев“, кој функционира во рамките на библиотеката „Григор Прличев“ – Охрид, редовната средба ја посветија на поезијата.
Членовите на клубот, во пресрет на Светскиот ден на поезијата, читаа творби и разговараа за литературните списанија и проблемите со кои се соочувала поезијата во изминатите декади и сега.
Дел од средбата беше збогатен со читање на извадоци од литературна критика на поетски дела, објавени своевремено во списанието за литература, уметност и култура „Далги“, кое повеќе не се издава во Македонија. Помладите членови беа запознаени со ова списание, кое излегувало до средината на 90-те години од минатиот век, додека членовите од повозрасната генерација се потсетија на нивните литературни критики за поезија кои биле објавувани.
Литературниот клуб „Григор Прличев“ од Охрид продолжува активно да работи на промоција на вистинските вредности во областа на културата. Голем дел од членовите на клубот се поети, додека дел пишуваат и поезија и проза. Во склоп на вчерашната средба, при разговорите за предизвиците на поезијата, беше констатирано дека проблемите кои ги имал овој литературен род некогаш, остануваат актуелни и денес, но во согласност со новите текови.
Одлуката за прогласување на 21 март како Светски ден на поезијата, е донесена за време на 30-та сесија на УНЕСКО во Париз во 1999 година.