Делегација на Царинската управа на Република Македонија, предводена од директорот Радеска–Крстевска на 23 март 2015 година присуствуваше на 158-от состанок на ЕУ-ЕФТА Работната група за заеднички транзит и олеснување на формалностите во трговијата со стоки кој се одржа во Брисел, Белгија. На состанокот, Работната група на ЕУ и ЕФТА земјите ги усвои одлуките на Република Македонија да й биде упатена покана за полноправно членство во Конвенцијата за заедничка транзитна постапка и Конвенцијата за поедноставување на формалностите при трговија со стока.
Се очекува Советот на ЕУ во мај годинава да ги усвои овие одлуки, а Република Македонија да ја доврши правната процедура за пристапување кон Конвенциите, што се очекува да се случи на 1 јули 2015 година.
На состанокот, беше усвоен позитивниот извештај на мониторинг мисијата на Генералниот Директорат за царина и оданочување (DG TAXUD) за исполнетоста на условите за пристапување на Република Македонија кон Конвенцијата за заедничка транзитна постапка и Конвенцијата за поедноставување на формалностите при трговија со стока, спроведена на почетокот на годината, а директорот на Царинската управа одржа презентација пред присутните претставници на земјите членки на ЕУ и ЕФТА за преземените активности за исполнување на условите за членство во двете Конвенции.
Престојот во Брисел, делегацијата на Царинската управа го искористи да присуствува и на состанокот на Работната група за е-Царина на DG TAXUD кој се одржува денес, 24.03.2015 година, каде директорот на Царинската управа ги запозна присутните за подготвеноста на Република Македонија да пристапи кон споменатите Конвенции.