МНТ го продаде 100.000-тиот билет

Донка Радоешка од Скопје денеска во Македонскиот народен театар го купи 100.000-тиот билет по отворањето на новиот објект на таа национална установа на 7 декември 2013 година. Таа стана добитник на ваучер со што ќе има можност да биде почесен гостин на претставите на МНТ кои ќе може бесплатно да ги гледа во театарската сезона 2015/2016.

„Оваа година првпат во мојот живот на Бадник ми се падна паричката. Добив билет за Василичарскиот концерт, а сега добив и ваков билет, па можеби нешто значи тоа париче за Бадник“, рече Радоешка.

Појасни дека билетот, кој денеска го купила е за претставата „Подемот и падот на каберето“.

„Ова ми е големо изненадување, многу ми е драго и изненадена сум, не очекував. Се најубаво и нека одат луѓето на театар“, додаде Радоешка.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и го врачи ваучерот на Радоешка и и честиташе, посочувајќи дека ова е спонтан настан, кој верува дека за сите љубители на театарската уметност многу ќе значи и ќе ја следат програмата и репертоарот на МНТ.

„Од отворањето на објектот на МНТ помина година и три месеци. Во МНТ се одиграни над 200 претстави, посетеноста е огромна. Се надевам дека и годинава имаме богата програма на репертоарот на МНТ. Спеди и Вториот по ред Меѓународен театарски фестивал. На 3 април се одбележува значаен јубилеј на МНТ – 70 години од неговото постоење“, рече Канческа Милевска.

Им се заблагодари на директорите на МНТ за одличните резултати во реализацијата на програмските содржини на театарот, за сите новитети и успешното функционирање на оваа институција.

„Како Министерство за култура како и досега и во иднина ќе даваме силна поддршка на театарската уметност во државата. И во овој театар во рамки на вработувањето на голем број стручен кадар, драматурзи, режисери, актери, имаше вработувања. Им честитам на сите“, истакна Канческа Милевска.

Директорот на МНТ, Дејан Лилиќ рече дека оваа сезона продолжуваат со уште неколку врвни проекти на многу големи режисери, а во тек се со подготовки за две претстави кои ќе се реализираат на малата сцена, едната ќе се реализира на големата сцена.

Посочи дека претстои Светскиот ден на театарот и ќе имаат три претстави на репертоарот.

„Од 3 април, кога е и роденденот на МНТ и кога означуваме 70 години МНТ нема да го означиме само со тој ден, туку од тој ден до крајот на јуни следат голем број настани кои ќе се случуваат и поврзани со нашата куќа, со пријателите на нашата куќа, со Интернационалниот фестивал. Ќе има повеќе од 80 настани. Од 29 март кога доаѓа група од Израел, една компанија која е позната во целиот свет, имаме театарска кампања за сите љубители на театарот“, додаде Лилиќ.

Уметничкиот директор на МНТ, Дејан Пројковски рече дека на 20 април со претставата „Вечната куќа“ ќе настапат во Националниот театар во Будимпешта на еден од најголемите фестивали во регионот.

010_Mnt_03тур