Овој април Codefest ќе го реализира своето трето издание, годинава под мотото „Истрага на местото на кодирањето“. Настанот ќе се одржи на 18-19 април на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Codefest се покажува како добро формиран настан кој самиот за себе прераснува во бренд во Македонија, а за тоа говори и растечката тенденција на настанот со двојно зголемување на интересот и бројот на учесници помеѓу првата и втората година. Организатори на настанот се студенти и дипломци на Универзитетот „Св. Апостол Павле“, кои по своја идеја и иницијатива започнаа да го организираат овој настан во 2013 година кога го привлекоа вниманието на 70 учесници. Оваа бројка минатата година се зголеми на 140 учесници во 22 тимови.
Маратонското програмирање на Codefest трае 32 непрекинати часови во текот на кои тимовите работат на развивање на демо продукти базирани на креативни и иновативни идеи. Истакнати професионалци од ИТ, крeативни и бизнис области од Македонија и странство се вклучуваат во настанот во улога на ментори и жири, и им помагаат на учесниците во реализацијата на своите прототипи.
Од друга страна, на Codefest се вклучуваат и компании од ИТ и бизнис секторот, со цел да го поддржат настанот и истовремено да ги запознаат младите таленти и да им понудат можности за вработување или поддршка на нивните проекти, а истовремено и да покажат општествена одговорност. Целта е да се приближат студентите до индустријата во која ќе работат и придонесуваат. Голем број на компании, национални и интернационални, се вклучени во реализацијата на Codefest 2015, какоVedel IT, Arvixe, Telerik, DomainME, GitHub, Pluralsight, конференцијата SparkMeи уште многу други.
„Ништо не може да ја победи возбудата од тоа да се биде опкружен со супер паметни луѓе кои се обидуваат да создадат нешто „од тенок воздух“, воедно слушнав и дека Охрид е прекрасен град!“ – изјави, Ербил Караман, Продукт Менаџер во Facebook Лондон, воедно и почесен гостин-говорник на Codefest.
Апликациите за Codefest 2015 се отворени до 7ми април, а тимовите можат да се пријават со својата идеја на следниот линк: https://www.eventbrite.com/e/codefest-2015-tickets-16037291972. За повеќе информации за настанот следете ја официјалната веб страна www.codefest.ninja, или Facebook фан страната: https://www.facebook.com/pages/Codefest/926573710705257.