Република Македонија и Република Бугарија имаат континуирана соработка и дијалог на полето на одбраната и остануваат силно посветени за изнаоѓање на разни модалитети за натамошен развој и продлабочување на оваа соработка. Тоа го заклучија замениците-министри за одбрана на Република Македонија и Република Бугарија, Арбен Лабеништа и Димитар Кјумурџиев на средба во Министерството за одбрана.
На средбата заменикот-министер Лабеништа изрази задоволство од нивото на односите помеѓу двете министерства и Армии и укажа на тоа дека двете соседни земји треба да продолжат со добрата соработка која ќе влијае не само на двете земји туку и на регионот и на Европа.
„Би сакал да нагласам дека поддршката од страна на Република Бугарија за нашето членство во НАТО е од големо значење и дека истото ќе продолжи и во иднина“, истакна заменик-министерот Лабеништа. Добрите одбранбени односи со сите наши соседи“, додаде Лабеништа, се приоритет за нас како Министерство за одбрана и Армија на Република Македонија.
Воедно, заменик-министерот укажа на Центрите за обука и тренинг кои се развиваат во рамките на Министерството и Армијата, како Центарот за обука на пилоти, полигонот Криволак и други кои се отворени за земјите-членки на Алијансата, меѓу кои и Бугарија.
Лабеништа во оваа прилика најнапред изрази задоволство за денешната посета од страна на неговиот колега и додаде дека на овој начин се потврдува добриот однос помеѓу институциите и државите, што всушност претставува клучен чекор при пристапувањето на Република Македонија во НАТО и ЕУ. Заменик министерот Лабеништа воедно изрази благодарност за досегашните школувања и обуки на припадниците на АРМ во военообразовните институции во Република Бугарија, кои придонесуваат во размената на искуства.
Бугарскиот заменик-министер Кјумурџиев се заблагодари за топлиот прием во Република Македонија и укажа на тоа дека двете земји имаат заедничка иднина во евроатлантските семејства.
„Во оваа прилика тој истакна дека сакаат да ја видат Македонија во НАТО, затоа што тоа дополнително ќе ја зајакне безбедноста на целиот регион. „Би сакал да Ве уверам дека Бугарија ќе продолжи со поддршката на Македонија за членство во НАТО и ЕУ и ќе направиме сè што е во наша моќ политиката на отворени врати на НАТО да продолжи и понатаму со цел прием на нови членки“, истакна заменик министерот Ќумурџиев.
Република Македонија и Република Бугарија во областа на одбраната соработуваат од 1999 година кога беше потпишана и Спогодбата за соработка во полето на одбраната. Досега истата се реализира во однос на експертските разговори, военото образование, односно школувања, курсеви, обуки и семинари. Земјите активно соработуваат и во рамките на регионалните иницијативи меѓу кои и процесот СЕДМ, Бригадата на Југоисточна Европа – СИБРИГ.