Претседателот Иванов се сретна со Јалчин Акдоган, заменик – претседател на Владата на Република Турција

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Јалчин Акдоган, заменик – претседател на Владата на Република Турција.

На средбата двајцата соговорници изразија задоволство од традиционално пријателските билатерални односи меѓу двете земји, и континуираниот политичкиот дијалог на сите нивоа. Честитајќи го успехот на парламентарните избори во Република Турција, претседателот Иванов изрази уверување дека и со новата влада соработката не само што ќе продолжи, туку и ќе се интензивира во сите области од взаемен интерес.

На средбата беше поздравен нагорниот тренд што го бележи економската соработка, при што претседателот Иванов потенцираше дека и натаму постојат неискористени потенцијали од двете страни за интензивирање на економската соработка. Во тој контекст беа разгледани можностите за инвестиции во повеќе области, како што се културата, образованието и туризмот, со акцент на развојот на културно – историскиот туризам.

Претседателот Иванов и Акдоган, разменија мислења за актуелните случувања во двете земји, како и за состојбите со мигрантската криза во регионот и во Европа. Во однос на надворешно-политичките приоритети на Република Македонија, македонскиот претседател истакна дека нашата држава високо ја вреднува поддршката од Република Турција во однос на интеграцијата на Република Македонија во НАТО, и изрази уверување дека и во иднина Република Турција ќе продолжи да биде силен промотор на македонските евроатлантски аспирации.

Двајцата соговорници изразија задоволство од досегашната соработка во рамките на Алијансата на цивилизациите и уверување дека традицијата на почит на различностите и натаму ќе се афирмира. Воедно, претседателот Иванов упати честитки за отворањето на канцелариите на ТРТ и новинската агенција Анадолија во Република Македонија, со надеж дека истите ќе придонесат кон подобро запознавање на јавноста со тековните настани.

Македонскиот претседател искажа благодарност за поддршката од Владата на Република Турција и Турската агенција за соработка и координација – ТИКА, преку реализацијата на бројни проекти во Република Македонија. Претседателот Иванов изрази посебна благодарност за поддршката за отворање на првиот Ургентен центар на Универзитетската клиника за детски болести во Република Македонија, што се спроведе под покровителство на неговата сопруга, Маја Иванова. Во таа насока, беа разменети мислења околу можностите за проширување на соработката со ТИКА и во наредниот период.

sredba_akdogan