Груевски: Македонија е многу повеќе од конструирани прес-конференции на СДСМ, Македонија е народот

Трета недела по ред одиме на вакви собири, а во меѓувреме нашите партиски структури и истакнати личности ја крстосуваат Македонија, одат од врата на врата, од село во село, од град во град, одат со нашите аргументи, со нашите позиции, со нашите идеи и визии, со нашите дела, со нашата вистина, затоа што вистината не е монопол на еден залутан тип во политиката како што е тој од СДСМ, туку вистината се идеите, принципите, вредностите во кои веруваш и за кои се бориш.

Ова го нагласи премиерот и лидер на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски на денешниот народен собир во Штип, пред големиот број присутни граѓани од Карбинци, Лозово, Пробиштип,Св.Николе, Делчево,Кочани, Виница, Пехчево, Берово, Каменица и другите населени места од овој регион.

„Вистината не може да е креирана и базирана на лаги, местенки и монтажи, сценарио кое за нарачателите има цел дестабилзиација, а за извшителите да се доберат до власт која народот на избори одбива да им ја даде. Вистината, не е ако некој на сила сака да спроведе туѓа агенда и да сее зла крв, провокации, гнев насекаде. Тоа може да е само вистина за неговата личност и состојба на дух и ништо друго, и ништо повеќе“, рече Груевски.

Вистината е во нашиот народ, нагласи тој, во сите вас, кои во огромен број доаѓате на нашите настани, кои од секаде ширум нашата татковина ни ја давате вашата поддршка и ни велите гласно: Народот е Македонија! И ова нема да им успее на оние кои го смислија, народот го има крајниот збор, а не група на залутани и очајни политичари во опозицијата, кои немаат ронка доблест во себе туку газат по сопствената земја и народ!

„Македонија е на народот и никој нема им ја одземе на сила, со никакви сценарија! Македонија е силна, цврста, Македонија е многу повеќе од конструирани прес конференции на една опозициска партија, Македонија е повеќе од партиите, повеќе од политичарите, Македонија е нејзиниот народ и никој не смее да си игра со тоа!,“ истакна претседателот на ВМРО – ДПМНЕ.

Претходно, на присутните им се обрати вицепремиерот Владимир Пешевски кој меѓу другото порача дека ВМРО – ДПМНЕ и Владата ќе ја заджат стабилноста на земјата и ќе ги реализираат ветените проекти.