Кривична пријава за охриѓанец поради затајување

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „затајување“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против З.Ц. (34) од Охрид.

Пријавениот, во својство на одговорно лице и потписник на сметката од хотелот „Престол“ во Охрид, приходите од свадби и други веселби не ги прикажувал туку парите ги присвојувал за себе. На тој начин, фирмата која стопанисува со хотелот ја ставил во долгови со што противправно прибавил корист од 997.194,оо денари. Пријавениот З.Ц. остварениот промет го внесувал како позајмица од негово име на сметка од хотелот како би можело да се поминат платите за вработените, не ги плаќал набавките, а приходите од свадбите и другите организирани забави не ги пријавувал.

Со усна наредба во 2012 година, сопствениците на хотелот кои живеат во Австралија, пријавениот од шанкер го назначиле за менаџер на хотелот. Со тоа З.Ц. го водел исплаќањето на платите на вработените, раководел со набавките и исплаќањето на роба, раководел со постапките за обезбедување на гости и нивно сместување, го изготвувал распоредот за работа на персоналот, истиот ги склучувал договорите со странките односно се што се работело во хотелот било под негова контрола.

За успешно извршување на менаџерските обврски, сопствениците на хотелот на пријавениот му обезбедиле патничко моторно возило „Опел Астра“ кое вработените го сметале како службено возило.