Пријавени едно правно и две лица од Скопје за „Бесправно градење“

СВР Скопје- Единицата за економски и компјутерски криминал до ОJO – Скопје, поради основано сомнение за сторено кривично дело “бесправно градење“ (чл.244-а од КЗ на РМ) поднесе кривична пријава против две лица од Скопје, М.У. (26) и Ф.У. (32) како и против едно правно лице Друштво за градежништво, трговија и услуги “ИНЖЕНЕРИНГ ОК ГРУПАЦИЈА“ ДОО Скопје. Со кривичната пријава лицата се предадени во ОЈО Скопје.

Имено, пријавениот М.У. како управител на “ИНЖЕНЕРИНГ ОК ГРУПАЦИЈА“ ДОО Скопје, со намера да го избегне плаќањето на надоместок за уредување на градежно земјиште, како и да се стекне со противправна имотна корист од продажба на станови, како инвеститор во текот на минатата година бесправно отпочнал со изградба на објект од втора категорија-станбена куќа која се наоѓа на КП во КО Карпош до фаза избетонирана армирана темелна бетонска плоча со понатамошна фаза на изградба (видно од извршениот инспекциски надзор од страна на градежната инспекција од 01.08.2014 год.), иако знаел дека не поседувал одобрение за градба, заверен основен проект со техничка документација. И дека нема платено надоместок за уредување на градежно земјиште а пак градбата ја изведува на недвижен имот земјиште сопственост на РМ. Второпријавената Ф.У. откако од 21.08.2014 година била назначена за управител во правното лице, за да го избегне плаќањето на надоместокот за уредување на градежно земјиште и да се стекне со противправна имотна корист од продажба на станови, продолжила и извршила бесправна градба на објектот од втора категорија-станбена куќа на претходна наведената локација, до фаза изѕидана карабина со изведен патосиран кров со поставена терхартија, при што спротивно на деталниот урбанистички план бесправно изградила уште два ката, иако знаела дека за извршената градба на објектот не поседува одобрение за градба, заверен и потпишан основен проект со техничка документација, дека за објектот не се платени парични средства по основ на надомест за уредување на градежно земјиште и дека објектот го гради на недвижен имот-земјиште сопственост на Р. Македонија, а со корисничко право на две лица од Скопје. Со стореното дело пријавените ја оштетиле општина Карпош за сума во износ од 1.832.454 денари.

Од превземените мерки и активности е констатирано дека претходно М.У. иако бил управител во наведеното правно лице во април 2013 година склучил пред-договор за заедничка градба со инвеститорство на станбено деловен објект помеѓу две лица од Скопје, застапувани од адвокат, заверен кај нотар и правното лице “ИНЖЕНЕРИНГ ОК ГРУПАЦИЈА“, застапувано од Ф.У. како управител на друштвото, иако во тој период таа била вработена како комерцијалист во правното лице, а управител бил првопријавениот М.У.. Врз основа на пред-договорот било наведено да се изведе градба на објект-станбена куќа на земјиште на подрачје на Карпош согласно ДУП, при што двете лица се согласиле на предметното земјиште да се изгради станбена куќа, а пријавените како инвеститори се согласиле со сопствени средства и во целост на свој трошок да ја изготват целокупната градежна документација за градба и да го изградат објектот, по што секоја страна ќе се стекне со сопственост на изградениот објект согласно одредбите од пред-договорот. По склучувањето на пред-договорот, на 31.07.2014 година од страна на пријавеното правно лице, а преставувано од Ф.У. до општина Карпош било доставено известување кое истата го потпишала, а во кое било наведено дека го известуваат градежниот инспекторат дека на предметната КП во КО Карпош од страна на правното лице, а преставувано од управителот М.У. била започната градба на станбена куќа од 2-ра категорија согласно одобрение за градба од 08.02.2013 год. а правосилно од 11.03.2013 год. кое во фотокопија го доставила во прилог на известувањето, иако знаеле дека истото било со невистинита содржина. На 01.08.2014 година градежен инспектор од општина Карпош извршил инспекциски надзор во присуство на пријавените при што било констатирано дека на инвеститорот “ИНЖЕНЕРИНГ ОК ГРУПАЦИЈА“ преставуван од М.У. како управител, од општина Карпош-Сектор за урбанизам им било издадено одобрение за градење од 08.02.2013, а правосилно 11.03.2013 год. со кое им се одобрува градба на станбена куќа.

Меѓутоа, по извршените проверки во општината утврдено е дека наведеното одобрение за градење не евидира, а под тој број било заведено барање од друго лице, со што се потврдува дека пријавените знаеле дека извршиле бесправна градба на објект-стабена куќа од 2-ра категорија без да поседуваат одобрение за градење, без да платат комуналии како и дека градбата ја извршиле на земјиште сопственост на Р. Македонија. Исто така, утврдено е дека од страна на градежниот инспектор на 26.11.2014 г. било донесено Решение со кое заклучокот за запирање на постапката од 01.08.2014 год. за извршен инспекциски надзор кај пријавените се огласува за ништовен, бидејќи била направена грешка во констатирањето на бројот на заверениот основен проект кој бил доставен во фотокопија заедно со одобрението за градење, а во доставениот заверен основен проект под наведениот број се однесувало на одобрение за градење за друго правно лице.

Пријавените во општина Карпош никогаш не поднеле барање за издавање на одобрение за градење на објект-станбена куќа на предметната КП и од Секторот за урбанизам не било издадено одобрение за градење, додека под тој број било заведено барање од друго лице. Односно основен проект никогаш не бил доставен до општина Карпош-Сектор за урбанизам, ниту бил изработен, бидејки сеуште не била решена сопственоста на земјиштето на предметната КП во КО Карпош сеуште е во сопственост на РМ. Имено двете лица од Скопје не се сопственици на земјиштето и не поседувале имотен лист, туку пријавените го искористиле идејниот проект кој бил изработен и го имале кај себе, изработиле само предна страна со наслов “основен проект“ и го доставиле до општината во фотокопија, како наводно да е изготвен. Имотниот лист наведен во предметното одобрение за градење се однесувал за друго правно лице, геодетскиот елаборат за нумерички податоци се однесувал за друга катастарска парцела, а потврдите и договорите издадени од град Скопје и општина Карпош биле издадени по барање на друго правно лице, а не по барање на пријавените.

Врз основа на наредба од Основен суд Скопје I Скопје, извршен е претрес во правното лице “ИНЖЕНЕРИНГ ОК ГРУПАЦИЈА“ ДОО Скопје, при што се пронајдени и одземени материјални докази.