Туроператори, претставници на туристички агенции и медиуми од повеќе европски земји кои се дел од „Промо-турата“ што од 2. до 5. април ќе се одржи во Охрид, во петок во 10 часот во зградата на Општина Охрид ќе имаат работна средба со претставници од локалната самоуправа .
На промо – турата која се одржува втора година по ред, ќе учествуваат претставници на медиуми од Турција, Русија, Словенија и Србија, како и претставници на туроепратори,туристички агенции и туристички работници од Израел, Унгарија, Украина, Австрија, Бугарија и Србија. Исто така учесници ќе бидат и претставници од турската авиокомпанија Jetlife.
Учесниците на промо- турата предвидено е да ги посетат сите знаменитости на градот и околината, да се запознаат со туристичкиот потенцијал на охридскиот регион,како и да остварат посета на хотелските капацитети на Охрид и средби со нивните менаџменти. Целта е Охрид и неговиот туристички потенцијал да биде промовиран во нивните медиуми, како и склучување директни договори за нови туристички пакети и аранжмани и вклучување на Охрид во поширокирегионални туристички понуди. Воедно, со учесниците на промо -турата ќе се разгледуваат и можностите за отворање новиавио линии до Охрид.
Промо – турата ја организира Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид. Со организацијата на овој настан локалната власт става акцент на новиот пристап на промовирање на туристичкиот потенцијал на Охрид.
Во таа насока во тек е подготовка на нови идејни решенија за туристичко лого и слоган за Охрид,коишто во иднина би се употребувале во сите промотивни кампањи.