Утре „Отворен ден во судството“

Утре, ќе бидe одржан „Отворен ден во судството“, со цел запознавање на граѓаните со надлежноста и работата на судовите, како и заради полесно разбирање на базичните постапки и процеси кои се одвиваат во рамки на еден суд.

Настанот ќе се одржи во следните судови: Основен суд Струга, Основен суд Охрид, Основен суд Струмица, Основен суд Битола, Основен суд Велес, Основен суд Прилеп иОсновен суд Тетово.

Отворениот ден ќе трае од 11.30 до 13.30 часот. Во овој временски интервал ќе бидат реализирани посети на заинтересирани граѓани, кои ќе бидат организирани во три групи. Посетите ќе бидат со почеток од 11.30, 12.10 и 12.50 часот.

Посетата ќе биде спроведена преку обиколка на судот и судските простории, преку што граѓаните ќе бидат запознаени со работата на судот, судиите и судската администрација, според следната агенда:

1. Добредојде и вовед

– Краток вовед за Основниот суд каде што се организира посетата и неговата надлежност

2. Посета низ судот

– Запознавање со работата на судот, судиите, судската администрација,

– Посета на судници, архива, писарница, канцеларија за односи со јавност

3. Прашања и одговори

Организатор на „Отворениот ден во судството“ е неформалната коалиција „Совет за владеење на правото“. Советот e основан на 5 јули 2013 година од страна на Македонското здружение на млади правници, Здружението на судска администрација, Европското здружение на студентите по право во Република Македонија и Коалицијата „Сите за правично судење” и претставува отворена мрежа на организации и истакнати поединци кои се активни на полето на владеење на правото. Примарната цел на Советот е да ги поддржи реформите во судството и да го промовира владеењето на правото во Република Македонија.Советот ги поканува заинтересираните граѓани да ја искорист оваа можност и преку организирана посета поблиску да се запознаат со надлежноста и работата на судовите.