Ќе се интензивираат и координираат системските мерки на полициската станица за безбедност во патниот сообраќај со републичките и општинските сообраќајни инспектори по патен сообраќај и со овластени лица од секторот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид.
Ова е еден од главните заклучоци на состанокот што на иницијатива на СВР Охрид, денес се одржа со републичките и општинските сообраќајни инспектори по патен сообраќај, овластените лица од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид, претставници на такси компании и правните субјекти кои вршат линиски превоз во општина Охрид, од УЈП, Државниот пазарен инспекторат од Општата болница во Охрид.
Како што беше речено, до 2016 година секој такси возач треба да има сертификат за управување со такси возило до кој ќе се дојде преку полагање соодветни тестови, а при издавање на лекарските уверенија да се врши проверка дали кандидатот е регистриран наркозависник.
Како што беше истакнато на денешната средба, потребно е формирање на здружение на авто такси превоз во Охрид кое ќе изготви предлог мерки за измени на законот за превоз во патниот сообраќај но и да се изготви список на такси возила и лица кои вршат јавен превоз на патници а не се лиценцирани односно ја немаат потребната документација за вршење на таа дејност.
Денес беше договорено и избегнување на двојното паркирање на такси возилата на означените такси постојки и елиминирање на задржување и застанување на необележани такси места на коловозите во градот.
Целта на оваа средба, на која беше и претставник од унијата на независните синдикати на такси возачите, беше согледување на актуелните состојби со такси превозот во општина Охрид како и договарање на превентивни мерки за подобрување на сообраќајот во Охрид и решавање на одредени прашања поврзани со такси превозот во градот.
Состанокот се организира во рамките на проектот „Полицијата и граѓаните заедно“ и акциониот план за реализација на проекти на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.