СДСМ Дебрца: Советот на млади на општина Дебрца партиско тело на ВМРО – ДПМНЕ

Советничката група на СДСМ во советот на општина Дебрца, испрати соопштение до медиумите, во врска со денешната одржана 27-та седница на советот на општината Дебрца. Во него стои:

Како и многу пати досега и овој пат на дневен ред беа ставени повеќе точки на самиот ден на одржувањето на седницата и спротивно на членот 46 став 4 од Деловникот на советот на општината Дебрца материјалите по точките на дневниот ред наместо најмалку пет дена пред одржувањето на седницата беа доставени на самата седница.

Од принципиелни причини, а поради грубото кршење на Деловникот на советот на општината, советничката група на СДСМ на оваа и наредните седници нема да ги подржува сите одлуки и други акти за кои материјалите нема да бидат доставени во со деловникот утврдениот рок.

Сепак, ваквата неделовничка практика не му сметаше на мнозинството на советот, составено од советниците на ВМРО ДПМНЕ и независниот советник, да го формирааат Советот на млади на општина Дебрца. Ако се види персоналниот состав на Советот, истиот е само продолжена рака на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ, односно е составен исклучиво од партиски членови на ВМРО ДПМНЕ, со што уште еднаш и на локално ниво се потврди споеноста на државата, односно општината со партијата. Освен тоа, истиот е формиран спротивно на условите објавени во Јавниот повик за предлагање на кандидати за членови на Советот на млади на општина Дебрца.

Оттаму, свечената вечер по повод формирањето на локалниот совет на млади, закажана за ден 04.04.2015 година не може да има општински карактер, туку е само уште една партиска промоција.

Советничката група на СДСМ не даде поддршка ниту на Програмата за работа на ЈКП “Дебрца” за 2015 година, со барање истата да биде дополнета со преглед на сите долгови на јавното претпријатие и предлог програма за покривање на долговите.

Принципиелно, како и досега и во иднина ќе поддржиме само општински проекти кои се во интерес на граѓаните на општината.“- се вели во соопштението.