Шест лица лишени од слобода по синоќешната тепачка која завршила со пукање

Секторот за внатрешни работи Охрид, од слобода лиши шест лица од Охрид, по нарушувањето на јавниот ред и мир случено рано утрово околу 01 часот во еден кафе бар лоциран на булеварот „Македонски просветители“ и пукање со огнено оружје пиштол на улицата „Лазо Трпоски“ во Охрид. Од нив, три лица се наоѓаат во општата болница, а еден во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид каде им е дадена медицинска помош и се наоѓаат надвор од животна опасност.

До нарушувањето на јавниот ред и мир во угостителскиот објект е дојдено во момент на вербална расправија помеѓу две групи односно четири лица кои во момент на алкохолизираност започнале вербална расправија, а потоа и жестока физичка пресметка. Притоа размениле повеќе удари со раце и нозе, со чаши, шишиња и делови од инвентарот. По кратко време, двајца од учесниците во тепачката со патничко моторно возило застанале пред домот на еден од спротивната група на улицата „Лазо Трпоски“, каде со огнено оружје пиштол кон куќата испукале повеќе проектили.

После овој настан, на хируршкото оделение во општата болница во Охрид се сретнале родителот на еден од учесниците во тепачката во кафе барот со двајца од спротивната група. Тука настанала меѓусебна вербална расправија и физичка пресметка. Притоа во обид да ја спречи пресметката, нападнат бил и еден полициски службеник кој се здобил со лесни телесни повреди.

Секторот за внатрешни работи Охрид презема понатамошни мерки за целосно расветлување на овој настан по што, по неколку основи против учесниците ќе бидат поднесени кривични пријави.