Конзервација на ѕидното сликарство на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во село Велушина

Во тек се активностите за конзервација на ѕидното сликарство со хронолошки сликарски слоеви од XII до XIX век на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во село Велушина, проект кој, во согласност со годишните програми на Министарството за култура, го реализира НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола. Целосната конзервација на целокупниот фрескоживопис е предвидена за 2016 година.

Според усвоената динамика на реализација, на оваа локација во изминатиот период беа реализирани археолошки истражувања и беше изведена целосна дренажа на црквата, со што овој значаен споменик на културата е заштитен од влага. Исто така, направени се истражувања врз живописот во олтарот, наосот и нартексот на површина од 300 квадратни метри, по што е изработена негова прецизна дигитална и техничка документација. Изготвена е и архитектонска документација на постојната состојба на црквата.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во село Велушина е комплексен објект со досега констатирани четири фази на градба. Обновувањата датираат од крајот на X и почетокот на XI век, потоа XII и XIII век, а во текот на XVIII и XIX век била извршена најголемата реконструкција на црквата. Со археолошките истражувања, откриени се темели од постар сакрален објект од VI век.