Работната единица „Водовод“ која е дел од Меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“, од доаѓањето на новото раководство во месец април 2013 година до денес, успешно ја консолидира наследената лошa финансиска состојба, информираше денес на прес-конференција, директорот на МЈП „Проаква“- РЕ Водовод, Томе Паскалоски.
„Состојбата која ја затекнавме пред две години беше финансиски катастрофална, наидовме на една несоодветна неликвидна фирма со голем долг кон добавувачите, со блокирана жиро-сметка, над 100 милиони денари, со неможност за набавка на репроматеријали и материјали за тековно одржување и оперативно водење на фирмата, од причина што на тендерите кои јавно ги објавувавме немаше заинтересирани коминтенти добавувачи од причина што не се сервисирале исплаќале долговите кон истите, изгубена беше довербата кон нашите корисници (потрошувачи). Ако знаеме дека ова е едно од најстарите претпријатија во градот кое има организирано водоснабдување од 1934 година и кое претпријатие прв пат прикажува загуба во 2010 година од причини кои се познати или непознати за пошироката охридска јавност. Кога дојдовме ние, затекнавме загуба од околу 52 милиони денари во 2011, за таа загуба минатата година да ја намалиме за околу 28 милиони денари. Најголема енергија потрошивме во внатрешните процеси околу консолидирање на фирмата, која беше превработена, одземени основни средства од кредиторите и од лизинг компаниите, заради неисплаќање на долгови, лошо менаџирање и хаос во менаџирањето со една гломазна организација со 7 сектори, каде немаше процедури за работа и одговорности.“- објасни директорот Томе Паскалоски,
Паскалоски рече дека во овие две години најголеми промени се направени во внатрешните процеси, воведени се процедури на работа, нови систематизации, нови процеси и нови решенија околу приходната и расходната стапка на фирмата, формирајќи работни групи во дел на комплементарните мерки.
„Со сите овие мерки дојдовме во ситуација да ја намалиме загубата, да ја зголемиме наплатата за едно 30% од претходно, значи сега наплатата е скоро 100% во делот на наплата на вода и околу 120% во делот на услугите каде што сервисираме, значи наплаќаме и стари побарувања по основ на извршени услуги од страна на групата за хидроградба. Од сите 7 сектори направивме 2 сектори, донесовме наредби, подзаконски акти на ниво на фирма каде што точно се знае процедурата како ќе се реагира за барање и склучување на договори на рати со корисниците. Основно е тоа што го вративме дигнитетот на фирмата, корисниците веруваат во нас, доаѓаат, комуницираме, ги решаваме и нивните и нашите проблеми, сега кога ќе ја добијат фактурата за потрошена вода сериозно размислуваат како да ја платат и како да имаат квалитетно водоснабдување за кое се грижиме ние.
Вративме голем дел од долговите, околу 70 милиони денари по основ на блокирани сметки од УЈП, вративме краткорочен кредит кон Шпаркасе банка, вративме огромен дел побарувања кои ги имаа нашите вработени, за неисплатени хранарини, патарини и слично, и редовно од кога сум јас директор, секој месец се зема плата. Планираме во наредните години да почнеме да работиме и со добивка, меѓутоа тоа зависи многу и од политичниот фактор, ние сепак треба да размислуваме и за покачување на цената на водата, поради познати причини.“– рече Паскалоски.
Како што напомна директорот Паскалоски, сите напори во иднина ќе се насочени кон тоа дигнитетот на фирмата да е на високо ниво, приоритет ќе биде фирмата да биде профитабилна, ориентирана кон корисниците, да има квалитетно водоснабдување, ќе се преземе одговорност за еколошката заштита на Охридското Езеро, за индиректно зголемен туризам.
„Најголеми трошоци имаме во делот на вработените, сеуште сме премногу вработени. Кога јас дојдов бевме 314 вработени, сега сме 41 вработен помалку, затоа што дел од вработените отидоа во пензија, дел го изгубија работниот однос поради неисполнување на работни обврски и дисциплина при работење. Сепак сме еден голем број од 273 вработени.
Друга работа што имаме сериозен проблем и кој што е во тек, кој што се трудиме да го решиме е институционалниот сетап, поставеноста на фирмата е многу лоша. Ние сме меѓуопштинско претпријатие, меѓутоа со анекси во 2007 година дадени се права за финансиско раководење и располагање со средствата на работната единица Струга за нивниот дел и за колекторот и исто дадени се овластувања во менаџирањето со човечките ресурси. Под такви околности, заедно со градоначалникот имаме преземено чекори и мерки како и доставено до Влада, иницијатива за раздружување, односно ова претпријатие да си остане охридско, со приходот што го има, подобрена ситуација и полека да се делиме од Струга.“- додаде Паскалоски.
За нормално функционирање на претпријатието, набавени се ровокопач, машина за електродифузионо лепење на цевки, машина за сечење на асфалт, компресор, тековни алати и инвентар во износ над 6 милиони денари.
Јавното претпријатие МЈП „Проаква“ Р.Е. „Водовод“ – Охрид во изминатиот период учествуваше во изведувањето на водоводни линии на: Градскиот плоштад, „Ванчо Питошески“, „Крум Точко“, хотел Парк, линија Петрино, „Мирче Ацев“, „Воска“, „Васил Стефоски“, „Димитар Влахов“, „Мите Богоески“, „Стив Наумов“, „Пере Тошев“, „Абас Емин“ до бензиска пумпа „Лукоил“, наводнувања на жардињери на „Железничка“, „Ѓорги Сугарев“ – Водовод, Градски стадион „Билјанини извори“ – Водовод, градежни работи околу „Долни Сарај“… како и многу други активности кои изминатиот период се реализираа во Охрид.
WebOhrid