Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:
„Сериозно сме загрижени, но не и изненадени од леснотијата со која СДСМ Охрид манипулира со јавноста, притоа изнесувајќи произволни бројки и податоци.
Денешната прес конференција на СДСМ- Охрид е уште еден од многуте обиди да се извртуваат фактите исклучиво за дневно политички потреби. Иако на самата седница на Советот на Општина Охрид, Градоначалникот Никола Бакрачески одговори на дел од поставените прашања, сепак во интерес на јавноста повторно ќе му одговориме на советникот Јован Стојаноски.
Постапката за ЈПП се одвива исклучиво согласно законски предвидените норми и критериуми без притоа да има можност за било какво влијание на поединец, партија или било каква групација. Целиот процес е заснован врз физибилити студија која согласно законот е усвоена од страна на Советот на општина Охрид и претставува водечки документ во процесот. Таму врз основа на економски показатели од страна на експерти направена е детална анализа во врска со овој процес.
Јавноста е многу добро запознаена со сложената финансиска состојба во која се наоѓа Општина Охрид. Сметката на општината е блокирана и таа а функционира со судски лимит кој се определува со судска одлука. Тоа практично и ја ограничува можноста при реализација на овој проект да се користат сопствени средства или да се користи кредит од комерцијална банка затоа што не постои банка која што би одобрила кредит на Општина која работи со судски лимит и енормно задолжување, факт што на професорот по економија Стојаноски требаше да му биде добро познат. Од друга страна, буџетот на Општината Охрид во уште многу наредни години ќе ги лечи раните од владеењето на СДСМ во Охрид и нема да биде во финансиска кондиција да издржи една ваква сериозна инвестиција.
Премногу паушален е податокот дека приватниот партнер ќе заработи неверојатна сума од 5 милиони евра што е економски невозможно е нелогично. Почитуван економист Стојаноски, Вие добро знаете дека за да се оствари ваков приход приватниот партнер треба буквално да биде спонзориран од ЕВН Македонија во делот на наплата на потрошена електрична енергија, односно да не плаќа струја што секако е невозможно и надвор од здрава логика.
Општина Охрид никогаш и во ниту една постапка не се откажала од приходите по основ на комунална такса за улично осветлување особено не во нечиј интерес туку Општина Охрид низ легална постапка за јавно -приватно партнерство тие средства ги инвестира што практично и е основна намена на овие средства од буџетот, со цел градот Охрид да добие модерно осветлување и еднаш засекогаш да се реши овој проблем за граѓаните. Договорот е предвидено да трае 15 години период кога Општина Охрид би добивала 22,22% од вкупниот износ на комунална такса за улично осветлување, средства кои ќе може да бидат употребени во нови проекти од интерес на градот а по истекувањето на договорот со целиот систем ќе стопанисува Општина Охрид.
За разлика од продажбата на поранешното ЕСМ модел кој е избран од страна на СДСМ кога продадена е дистрибутивната мрежа на Република Македонија, сега Општина Охрид преку модел на ЈПП инвестира во модернизација на системот на улично осветлување заедно со партнер при што модерниот систем на осветлување по истекот на договорот ќе биде во комплетна сопственост на градот Охрид.
Градоначалникот Бакрачески со својот тим и по донесувањето на одлуката од страна на Советот на општина Охрид за избор на приватен партнер во овој проект, во фаза пред потпишување на договорот се уште многу детално со вклучување на многу експерти од разни области ги разгледува сите параметри на евентуалниот договор за ЈПП. Одлуката секако дека мора и ќе биде во интерес на Охрид и единствено при донесувањето на одлуките се водиме од тој постулат.“– се вели во реакцијата.