Оваа година во здравствениот сектор го одбележавме веројатно најголемиот успех досега. Според рангирањето кое го прави Европската унија на здравствените системи во Европа, Република Македонија постигна највисок скок досега од која било земја во историјата на рангирањето. Беше рангирана на 16. место и направи скок од 11 места со што стана најдобро рангирана земја во целиот регион на Југоисточна Европа и подобро рангирана земја од 16 земји-членки на ЕУ.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој на одбележувањето на 7 Април, Светскиот ден на здравјето, рече дека за овој значителен напредок денеска имал задоволство да им се заблагодари на сите здравствени работници, бидејќи во најголем дел, како што рече, ова е нивен успех и придонес.
На свечениот собир, што по повод 7 Април, Светскиот ден на здравјето го организираше Македонското лекарско друштво, Тодоров истакна дека неопходна е цврста соработка меѓу сите засегнати сектори, со цел намалување на здравствените ризици поврзани со небезбедна храна и во насока на зајакнување на меѓусекторката соработка, во рамки на Владата е формиран Комитетот за здравје и животна средина со чие функционирање во континуитет работиме на унапредување на сите аспекти кои се од значење за здравјето на целокупното население.
Изминатата година, Владата, потенцира министерот, ја почна Кампањата за користење здрава храна и водење здрав начин на живот, со цел подигнување на свесноста за потребата и значењето на здравата исхрана и здравите стилови на живеење, како и целокупно унапредување на јавното здравје, а изготвен е и Водич за исхрана на населението, со цел подобрување на јавното здравје и справување со јавно здравствените ризици.
Сумирајќи ги резултатите од тековните проекти и активности, во насока на подобрување на условите и ефикасноста на здравствениот систем Тодоров рече дека изминатите неколку години се фокусирани на изградба на капитални објекти и реконструкција на она што со години било запоставено во здравството.
„Паралелно со тоа е набавена нова медицинска опрема и континуирано вложуваме во стручна надградба на лекарите и реорганизација на функционирањето. Сето ова придонесе за значителен напредок на Македонија на европската скала. Една од клучните реформи во здравството која нè искачи високо на европската скала е електронскиот систем „Мој термин”, што е оценет како уникатен систем и реформа што ја препорачуваат за имплементација во повеќе европски земји,“ рече Тодоров.
Како резултат на континуираното вложување во нова опрема и едукација и доусовршување на кадарот, нагласи, првпат после 40 години и голем број неуспешни обиди, во Република Македонија е основана и успешно функционира Клиниката за државна кардиохирургија во која за само една година успешно се извршени над 50 интервенции.
Потенцира дека успешно функционира и проектот за Детска кардиохирургија во соработка со реномирани доктори од САД. Од страна на американските доктори, обучен е цел тим доктори во Македонија, а веќе почнува обуката и на вториот тим со претстојните мисии на детски кардиохируршки интервенции. Досега се извршени интервенции кај над 120 деца.
„Континуирано работиме на проширување и зајакнување на кардиолошката мрежа за третман на акутен срцев инфаркт. Токму во областа на интервентната кардиологија, ги достигнавме европските стандарди. Набавени се поголем број ангиографски системи, кои се распределени низ повеќе болници во државата и во моментов центри за интервентна кардиологија, освен во Скопје, има во Штип, Битола, Струмица, Тетово и во Охрид, со што е заокружена мрежата на центри за интервентна кардиологија низ државата и се исполнети европските стандарди за еден ангиограф на секои 200.000 жители“, рече Тодоров.
Оваа година, појасни, предвидуваме и значајни инфраструктурни проекти за здравствениот систем, и тоа: темелна реконструкција на Битолската и Прилепската болница и изградба на нов Ургентен центар во Кумановската болница.
Истакна дека за целокупно унапредување на здравствениот систем, потребно е да се вложува и во кадарот во јавните здравствени установи и дополнително да се стимулираат здравствените работници.
„Токму кон крајот на минатата година одлучивме да ја зголемиме платата на докторите-специјалисти на универзитетските клиники, за речиси 25 отсто. Ова зголемување на платите е овозможено со постигнатата заштеда од централизираната набавка на лекови за јавните здравствени установи, со овозможен паралелен увоз“…, посочи Тодоров.
Во насока на зајакнување на кадарот, нагласи, во изминатите речиси 3 години, реализиравме околу 2.000 нови вработувања (согласно издаденитесогласности) во сите ЈЗУ, а со Законот за трансформација во редовен работен однос на неопределено време ќе се вработат уште дополнителни 2000 волонтери или лица ангажирани со договор.
„Тоа значи дека за период од околу 4 години ќе имаме реализирано над 4.000 вработувања, што претставува историски најсилно зајакнување на човечките потенцијали во здравството во Македонија. Еден од врвните приоритети на Министерството за здравство и годинава остануваат едукациите на медицинскиот персонал во реномирани медицински центри во странство. Во периодот од 2012 година досега, над 1.100 доктори и медицински персонал од 44 ЈЗУ во Македонија, се испратени на едукација во реномирани медицински центри во САД, Европа и Австралија“ додаде Тодоров.
Претседателот на Македонското лекарско друштво, Горан Димитров рече дека годинава ќе одбележат 70 години од постоењето со настани кон крајот на септември, а од 1 до 3 октормври ќе одржат 19. Конгрес на лекарите со меѓународно учество.
Посочи дека како нов претседател на МЛД е задоволен од работата на сите стручни здруженија. Според него, работите во одредени сектори во здравството се одвиваат многу добро и треба да се подобри регистарот за малигни заболувања, за хронични заболувања, за ретки болести итн.