„Родољуби Свети Илија“ од Елшани апелира максимално да се прошират трите опасни кривини

Здружението на граѓани „Родољуби Свети Илија“ од Елшани ја изразува нескриената поддршка и благодарност до Локалната самоуправа на Охрид за Проектот реконструкција и асфалтирање на патот Елешец – Елшани кој конечно по речиси 40 години за првпат се случува. Истовремено, „Родољуби Свети Илија“ упатува апел до градоначалникот и до изведувачите да обратат поголемо внимание на трите опасни кривини на патот до Елшани, односно истите максимално да ги прошират во функција на безбедноста на патниците и на возилата.

„Имено, се работи за трите многу опасни кривини: Осојник, Кај Спира и Долна Маала кои претставуваат т.н. „црни точки“ каде се случиле и случуваат бројни сообраќајни судири и несреќи.

Имајќи предвид дека реконструјцијата се случува за првпат по четири децении, замолуваме овој наш апел да се разгледа сосема објективно и истиот да се реализира сега, за што елшанци и сите оние кои редовно или повремено патуваат за Елшани ќе ви бидат безмерно благодарни.“- велат од Здружението.

Здружението на граѓани „Родољуби Свети Илија“ верува дека со реконструираниот и новоасфалтиран пат, како и со веќе реконструираниот селски водовод, Елшани ќе добие сосема нов и поубав лик со што природните убавини на ова галичко крајезерско село ќе стане уште попривлечна и почеста туристичка дестинација за гости од целиот свет.

„Во функција на оваа благородна цел, „Родољуби Свети Илија“ ја поддржува и очекува уште поуспешна понатамошна соработка меѓу Месната Заедница од Елшани и Локалната Самоуправа на Охрид. За наше добро! За заедничко добро!“– додаваат од Здружението на граѓани „Родољуби Свети Илија“ – Елшани.