Со едностран раскин на договор го оштетил ЈП „Комунално“ Струга за речиси шест милиони денари

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против актуелниот Директор на ЈП “Комунално” од Струга, Г.К.(51) од Струга, поради основано сомнение дека сторил кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување” казниво по чл.353 од КЗ на РМ.

Пријавениот се товари дека во својство на службено лице – Директор на ЈП Комунално од Струга, во период од 18.10.2013 до 18.11.2013 година, ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што, иако бил должен да постапи согласно член 44 став 4 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство, самоволно, спротивно и на чл.122 ст.4 од Закон за облигациони односи, противправно го раскинал договорот со приватниот партнер и при тоа му нанел претпоставена штета – испуштена корист во износ од 5.898.960 ден и покрај фактот што приватниот партнер изразил волја за соработка и надминување на еднострано наметнатите недоразбирања од страна на јавниот партнер.

Имено, во Законот за концесии и јавно приватно партнерство стои дека – “Концедентот или јавниот партнер е должен во рок од 15 дена пред донесувањето на одлуката за раскин на договорот, писмено да го извести концесионерот или приватниот партнер за повредите од ставот 2 на овој член и да го повика да ги исправи пропустите во однесувањето за да се обезбеди почитување на договорот во рокот утврден со известувањето”, додека Законот за облигациони односи наложува дека „Договорот нема да се раскине ако другата страна понуди и се согласи соодветните услови од договорот да се изменат справедливо“.

На погоре опишаниот начин, пријавениот како овластено службено лице Директор на ЈП “Комунално”од Струга, со злоупотреба на службената положба и овластување, ја искористил околноста за што е овластен да постапуваат во дадена ситуација, со цел да му нанесе претпоставена штета-испуштена корист на правниот субјект Албафох ДООЕЛ во вкупен износ од околу 6 милиони денари. Инаку, правното лице Албафох ДООЕЛ е трговско друштво специјализирано за вршење работи од областа на давање комунални услуги за отстранување, преместување на непрописно запрени, паркирани, хаварисани и напуштени возила.

Согласно досега обезбедената документација, утврдено е дека во тек на 2012 година, по претходна одлука на Управниот одбор на ЈП “Комунално” Струга и согласност на Советот на Општина Струга, директорот бил овластен да отпочне постапка за јавно-приватно партнерство со правни и физички лица. Во август Директорот на ЈП “Комунално” Струга донел Одлука за формирање на комисија за спроведување на постапка за склучување на Јавно приватно партнерство за услуги со специјално возило-пајак на територијата на Општина Струга и во август 2012 година ЈП “Комунално” Струга издал Отворен повик за избор на приватен партнер за вршење јавни услуги со специјално возило – пајак, каде биле изложени условите за учествување на тендерот, односно условите за склучување на Договорот за јавно приватно партнерство. Во отворениот повик било предвидено дека приватниот партнер треба да набави специјално возило-пајак со кое ќе ја извршува работата за време траење на договорот односно за период од 10 години, да врши јавна услуга подигање на непрописно паркирани возила, да ги носи на место кое јавниот партнер го одредил за тоа, а инвестицијата на јавниот партнер била да му обезбеди на приватниот партнер место за складирање на подигнати возила.
Во ноември 2012 година Комисијата составила Записник со кој извршила евалуација на единствената понуда пристигната од Албафох ДООЕЛ и донела одлука за избор на најповолен понудувач, склучувајќи и договор во декември.

Во договорот било определено дека истиот се склучува за период од 10 години, а во став 2 од истиот член било определено дека висината на месечниот надоместок кој приватниот партнер ќе му го плаќа на јавниот партнер ќе изнесува 25% од стварно извршената работа на месечно ниво. Со договорот, странките се согласиле дека приватниот партнер ќе започне со плаќање на месечен надоместок по отпочнување со работа на специјалното возило врз основа на стварно извршена услуга, во рок од 30 дена по доставена фактура од страна на јавниот партнер, а било предвидено дека составен дел од фактурата се дневните налози за извршената услуга, потпишани од овластено лице на приватниот партнер. Јавниот партнер зел обврска, покрај обезбедување јавно паркиралиште-депо на пајак службата да му обезбеди на приватниот партнер еден работник асистент на специјалното возило. Договорот, било предвидено да престане да важи со истекот на рокот на важење на договорот за јавно приватно партнерство, едностран раскин на договорот за јавно приватно партнерство од страна на јавниот партнер во случај на битни повреди на обврските, едностран раскин на договорот за јавно приватно партнерство од страна на приватниот партнер, спогодбено раскинување на договорот и стечај или ликвидација на приватниот партнер поради кои јавниот партнер можел еднострано да го раскине договор.

Во јануари 2013 година Советот на Општина Струга дал согласност за одобрување за склучување на договорот за јавно приватно партнерство на ЈП “Комунално” Струга. После потпишувањето на договорот, приватниот партнер продолжил со извршувањето на обврските и истите непречено ги извршувал во период од 10 месеци. Во текот на октомври 2013 година од страна на јавниот партнер застапуван од пријавениот, без никаква најава или доставување на било каков допис, му било оневозможено на концесионерот (приватен партнер) да го користи паркинг просторот согласно договорот, при што концесионерот го пријавил случајот во ПС Струга. Во октомври, јавниот партнер до приватниот партнер доставил известување со кое го повикал да се корегира и дополни Договорот за јавно приватно партнерство по однос на три наведени точки во известувањето, кои што воопшто не биле поткрепени со правно издржана аргументација. На ова известување приватниот партнер доставил писмен одговор каде дал објаснување на трите наводно спорни точки, а воедно изразил и подготвеност на преговори и евентуално склучување анекс кон основниот договор.

Јавниот партнер, и покрај подготвеноста за соработка од страна на концесионерот, продолжил да не ги исполнува своите обврски, односно не дозволувал паркирање ниту пак испраќал асистент, со што приватниот партнер бил принуден повторно да пријави дека трпел штета и губел заработка која требало да ја оствари друштвото.

Во ноември, осомничениот, спротивно на чл.122 од Закон за облигациони односи пристапил кон противправно, еднострано и самоволно раскинување на договорот за јавно приватно партнерство. Образложението за прекин на Договорот, пријавениот го темелел дека при увид во тендерската документација било утврдено дека постапката е некомплетна и незаконски спроведена, а склучениот договор е штетен за ЈП “Комунално” Струга.

Во декември 2013 година економски вештак изготви записник со наод и мислење, со кој е утврдена вкупната штета на име изгубена корист односно приходи кои приватниот партнер би ги остварил до крајниот рок на важноста на Договорот во висина од околу 6 милиони денари.

Поднесена е и Тужба до Основен суд Струга, која ја усвоил и го задолжил ЈП-“Комунално” да исплати штета, а жалбата на јавното претпријатие до Апелационен суд во Битола била одбиена како неоснована.