Честитка од претседателот Иванов по повод Воскресение Христово – Велигден

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до сите православни христијани во Република Македонија, како и до сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија:

„Дозволете ми на сите верници од православна вероисповед, и на сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.

На овој значаен ден сите христијани се присетуваат на Христовото жртвување за спас на човештвото. На Велигден се разгласува веста за Христовото воскресение кое го празнуваме како победа на животот.

Чествувањето на Велигден е дел од нашето духовно и национално богатство. Празнувањето на овој светол ден е темелот на нашата вера и ја симболизира богатата македонска традиција која години наназад не учи на заедништво, да си помагаме еден со друг и да го почитуваме семејството и блиските.

Нека овој празник вдахнува со добра мисла, мир и спокој за сите верници, да побараме милост и благослов за изнемоштените и молитва за немоќните и слабите.

Честитајќи ви го овој голем христијански празник ви посакувам добро здравје и духовен мир.

Велигден е празник на семејството и ближните, затоа на сите верници им посакувам топлина во домот и светлина во пораката која треба да ја шириме за човечност, мир и разбирање.

Нека е за многу години големиот празник!
Христос воскресна!
Навистина воскресна!“– се вели во честитката.