Екстрадиран осомничен од оперативната акција „Чекан“

Министерството за внатрешни работи во соработка со хрватската полиција ја заврши екстрадицијата на Р.С.(44) од Гостивар против кого во рамките на оперативната обработка “Чекан” беше поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „изнуда“, „лихварство“ и “перење пари и други приноси од казниво дело“. Истиот беше лишен од слобода на ГП Бајаково на 10.01 оваа година по распишана меѓународна потерница од страна на ИНТЕРПОЛ и беше спроведен во ектрадиционен притвор во Хрватка. По завршувањето на екстрадиционата постапка пријавениот беше преземен на Аеродромот во Загреб и спроведен во Затвор Скопје по претходно одредена мерка притвор во траење од 30 дена.Инаку против пријавениот и во претходниот период му беа поднесени десетина кривични пријави од областа на имотните деликти, а исто така во 2004 година и кривични пријави поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „изнуда“ и „прикривање“.

Имено како што веќе известивме криминална група организирана од страна на пет лица меѓу кои и сега екстрадираниот гостиварец започнала да делува во континуитет од 2008 година, претежно на територијата на општина Гостивар при што мотивот бил стекнување на противправна имотна корист со извршување на повеќе кривични дела, а така стекнатата имотна корист ја пуштале во легалниот платен промет, за што користеле голем број на сопствени фирми, банкарски сметки, вложувајќи во недвижности и во превозни средства, стекнување на недвижен имот, како и давање на незаконски позајмици на физички и правни лица, притоа пресметувајќи им високи-лихварски месечни камати. За враќањето на позајмиците бил вршен притисок при што користени се сериозни вербални закани и физички напади врз оштетените. Инаку од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал беше поднесена кривична пријава против 19 физички како и едно правно лице, додека пак во продолжение на акцијата “Чекан“ беше поднесена кривична пријава и против полициски службеник и Командир на ПС ОН Гостивар.