Министерството за здравство од денеска на својата веб-страница ги постави 32. клинички патеки за третман на лица со малигни заболувања, изработени од стручни лица членови на тумор-бордовите од повеќе области на медицината, кои ќе бидат отворени за коментари од пошироката јавност до понеделник по што ќе бидат објевени во Службен весник и ќе стапат на сила и задолжително ќе се применуваат насекаде во земјава.
Изгортвените клинички патеки се за третман на малигни заболувања кои најчесто се појавуваат како што се карцином на дојка, на бели дробови, меланом, карцином на кожа, коскени тумори,…
„Оваа новина е особено значајна имајќи во предвид дека станува збор за чувствителна категорија на лица кои поради природата и типот на болеста не смеаат или не треба да чекаат. Целта со дефинирањето на клиничките патеки е да се утврди максималното време на чекање, односно од моментот на појава на индикација (суспекција) до извршување на првата дијагностичка процедура да не поминат повеќе од седум дена, а за добивање на хистопатолошки наод да не се чека подолго од 21 ден“, рече министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес-конференција, нагласувајќи дека станува збор за новина која ја нема во поширокиот регион.
Прецизира дека станува збор за максимални рокови кои можат да бидат и пократки, но во одредена ситуација тумор-бордот може да го зголеми рокот доколку е потребно да се направат дополнителни испитувања, да се добие второ мислење или, пак, материјалите да се пратат во друга установа во земјава или странство.
„Со клиничките патеки е утвредно по добивање на позитивен наод да биде доставен или поставен на тумор-борд и целокупниот тек на лекувањето да се врши согласно медицина базирана на докази и меѓународните стандарди. Националната клиничка патека за малигни заболувања ќе биде целосно инкорпорирана во националниот систем „мој термин“ и при појава на индикација или дијагноза самиот систем ќе обезбедува термини за дијагностички процедури во предвидениот рок со издавање на „приоритетен упат“. Тоа е намерно направено за да нема влијание од човечкиот фактор при кририањето на термините“, рече Тодоров.
Прецизира дека не е можно во „мој термин“ да нема термин за пациентите со малигни заболувања кои ќе добијат „приоритетен упат“ бидејќи таквиот упат, како што рече, се издава на ден, а не на час.