Денес, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во соработка со Мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај на автопат, реализира случај на криумчарење мигранти, при што во текот на денешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, против лицeто С.Ј.(40) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “криумчарење мигранти“ по чл.418-б ст.2 и 4 од КЗ на РМ. Пријавениот делото го сторил на тој начин што, со ТМВ – шлепер со скопски регистарски таблици се обидел да прокриумчари група на мигранти, кои од Грција преку Р.Македонија, требало да се прокриумчарат кон Р.Србија, со крајна цел некоја од западноевропските земји.
По претходно добиени информации, од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал беа преземени оперативно тактички мерки за запирање на возилото, по што денес (14.04.) во 07,30 часот, од страна на полициски службеници од сообраќајната автопатска полиција ТМВ било запрено на подрачјето на Велес, поточно во близина на раскрсницата од Скопје – Велес – Штип. За време на вршење на контрола над возилото, од страна на мигрантите била исечена церадата на приколката, по што дел од мигрантите се дале во бегство. По преземени мерки и активности од страна на полициските службеници, пронајдени и фатени се 15 мигранти од Сирија, од кои 11 возрасни и четири деца.
Од страна на Министерството за внатрешни работи се преземаат мерки и активности за пронаоѓање на останатите мигранти и целосно расветлување на случајот.