Општина: Продолжуваат небулозните и несовесни изјави на советникот од ЛДП – Охрид со цел да се извртат фактите и јавноста да се доведе во заблуда

Во врска со соопштението од ЛДП Охрид, реакција испрати Општина Охрид во која стои:

„Продолжуваат небулозните и несовесни изјави на советникот од ЛДП – Охрид, Дејан Блажески со цел да се извртат фактите и јавноста да се доведе во заблуда.

Општина Охрид, крајно транспарентно и децидно во неколку наврати јавно ги изнесе деталите околу продажбата на парцелата со големина од 201 метар квадратен во населбата Канео. 

Општина Охрид и нејзините служби крајно транспарентно без притоа да сокријат и најмал детал информираа за овој случај. Секоја информација која се однесуваше за продажбата на парцелата кај Канео беше споделена со јавноста. Тоа практично значи дека истата била транспарентно споделена и со советникот Блажески.

Во тој процес ние нема што да криеме.

За Општина Охрид, особено е интересен делот од соопштението на Блажески во кој се наведуваат термините „медиумски обработувачи“.

Потсетуваме дека, во периодот кога Блажески со коалиционите партнери од СДСМ – Охрид партиципираше на локална власт скоро и да немаше медиум кој го критикуваше тогашниот начин на работа на Локалната самоуправа, со чест на исклучоците.

Самото тоа наведува да упатиме две прашања до советникот Блажески.

Прво, дали тоа значеше дека тогашната локална самоуправа вршеше силна репресија врз медиумите во градов?

За разлика од тој период, сегашната локална власт не бара од медиумите да бидат нејзини послушници. Сведоци сме дека за актуелната локална власт во Охрид се пишуваат и пофални и критички содржини. Како локална самоуправа го поздравуваме тој демократски процес и однос на медиумите кон нас.

Второ, за какви „медиумски обработувачи“ зборува Блажески кога тој е еден од најприсутните личности застапени во медиумите?

Дефинитивно, има разлика во начинот на работа на сегашната и претходните локални власти. Ако нејзини партиципиенти плукаат по медиумите, актуелната локална власт го поздравува начинот на работа на медиумите затоа што застанува и го поздравува секој демократски процес.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.