Членовите на Црковниот одбор при црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово, преку WebOhrid, искажуваат огромно незадоволство поради, наводно игнорантскиот однос на парохискиот свештеник отец Сашо Ристески кон празничните богослужби за Благоец (Благовештение во населбата Рача) и за овогодишната велигденска богослужба во црквата „Успение на пресвета Богородица“ во Велестово.
„Свештеното лице, попот Сашо Ристески не одржа богослужба во црквата „Свето Благовештение“ во Рача, ниту пак дојде овваа година во Велестово да врши богослужба за Воскресение Христово-Велигден. Од наша страна како Црковен одбор на „Успение на Пресвета Богордица“ Велестово е побарано да имаме свештено лице кое е за овој реон.” – велат од црковниот одбор и уште додаваат:
„Поради лично несогласување со некој член од одборот, тој не дојде во црквата. Без разлика на нивниот однос, попот сепак тој треба да доаѓа за верниците. Може да не оди кај некого дома, но во црквата наша тој веќе е вработен.”- додаваат од одборот.
Членовите на одборот се подготвени на порадикални чекори:
„Ние ќе покренеме иницијатива до Митрополијата и ќе бараме ново свештено лице. Време е ова да се реши, ова е проблем кој трае веќе две години”. – велат оттаму.
Webohrid ја побара и другата страна, односно се обрати и кај отец Сашо Ристески, надлежен за црквата во Велестово и во Рача. Тој истакнува дека она што го зборуваат членовите од Црковниот одбор не е вистина и дека тој си ја вршел својата работа, но дека црковниот одбор не ги почитува црковните канони и не се придржува кон црковната практика.
„Прво лажат дека две години немале свештеник, за Водици бев таму, му служев служба богојавленска, го фрлив крстот итн. Друго: Како одбор се самопоставени и не се легален одбор, назначен со одлука од Владиката како што пропишува Уставот на МПЦ, не сакаат да исполнуваат никакви обврски пропишани со Уставот на МПЦ, а тоа е водење на уредно книговодство кое на крај од годината треба да е продолжено на ревизија од ревизори од Митрополија (што претставува кривично дело), незаконско користење на печат, плаќање на годишен разреж, своевиден данок кон Митрополија и Архиепископија, не набавуваат свеќи од Архиепископка свеколивница, како што е решено со синодска одлука според Уставот на МПЦ туку од други приватни извори, не сакаат да исполнуваат никакви обврски кон надлежниот свештеник. Не сакаат да донираат средства за негово пензиско и здравствено осигурување, да даваат надомест за извршување на богослужба, се пропишано во Уставот на МПЦ и друго правни акти, синодски одлуки, одлуки на Архиепископски и Епархиски одбори итн. Со еден збор се работи за тотално самоволие и незаконско работење, дотолку што народот од тој дел, во Рача и Велестово, поголемиот дел не се сложуваат со нивното работење. И не се работи за никакво „лично“ несосласување со никого.“– вели отец Сашо Ристески.
Велестовци, односно членовите на црковниот одбор не се сложуваат со исказите на постојниот поп и особено се гневни за неговото овогодишно недоаѓање за Благоец и за Велигден за што ќе бараат нов поп кај владиката Тимотеј и неговата Дебарско-кичевска митрополија. За таа цел, велат, веќе собрале 300 потписи!
„Пак ќе напомнам, не се работи за посебно лично несогласување со никого. Лажат дека две години сум одел, затоа што бев за Водици, а тоа е пред 3 месеци. Друго: не сум „вработен“ кај нив и не можат тие да ми се некакви „претпоставени“, претпоставен ми е се подразбира Владиката. Не отидов дека тие не сакаат да исполнуваат никакви обврски нити кон Митрополија, нити кон мене, а од друга страна се фрлаат пари за многу други работи, со солидни суми од 500, 700 евра, за разни пејачи, да им пејат за празниците, за набавка на 60 литри ракија (што е доволно да се испијани половина село) и друго, а за најважното за богослужба, за празник не сакаат да платат според црковниот таксеник сума двеста пати помала од сумата за разни пејачи. Ако собрале 300 потписи, како тоа ни еден, ама баш ни еден не реагираше кога бев и во неделата прв ден Велигден и вчера во Велестово (за жал на погреби)? Ако народот е толку незадоволен од мене ќе имаше макар и минимална реакција. Но, напротив, овие денови по телефон контактирав со повеќе луѓе од Рача и сите ги напаѓаа нив и ме поддржуваа мене. Со служење на лаги не се постигнува ништо, туку нека се обратат, за дискусија јас сум секогаш расположен, а тие никогаш не се обратиле да се видиме на еден состанок за да поразговараме за одредени недоразбирања.“– додава отец Сашо Ристески.
Останува да ја следиме и натаму разврската на овој необичен случај – до следните црковни празнувања во Велестово!
WebOhrid