Маша, Медо и Доми на едукативна турнеја низ Македонија – во недела во Охрид

Маша и Медо, ликовите од популарната руска анимирана серија за деца, на 19ти април(недела) во Центарот за култура „Григор Прличев“ Охрид ќе ги забавувуваат и едуцираат децата во рамките на проектот што го организираат продукцијата „Сцена“ и издавачката куќа „Култура“ во соработка со „Еуролинк осигурување“. Во споменатиот период ќе биде изведена театарската претстава „Веселата училница“, наменета за деца од предучилишна и рана школска возраст, а инспирирана од вечниот страв на децата од започнување на училиштето.

Претставата почнува од 12 часот, меѓутоа еден час порано на платото пред Центарот за култура ќе биде поставен импровизиран училишен двор каде дечињата во кој дечињата ќе може да се фотографираат со картолина Маша и Медо, но и активно да учествуваат во низа интерактивни игри, од кои особено интересна е „Не лути се Доми”, каде децата ќе бидат во улога на фигури и ќе се движат по големо платно во манир на познатата игра „Не лути се човече”.

Цената е 150 денари – 1 билет со подарок боенка,  250 денари – 2 билети со подарок 1 боенка и  350 денари – 3 билети со подарок 2 боенки. Целиот настан, освен забавен, има и едукативен карактер. Целта е низ репликите на учителот, учениците и Маша и Медо, децата од најрана возраст да се воведат во училишната атмосфера. Главната актерска екипа се состои од Марко Новески, Бојан Велевски и Соња Стамболџиоска, како и детските ликови Маша и Медо, Џеронимо Стилтон и полжавчето Доми. Претставата е во режија на Игор Ивковиќ.

Издавачката куќа „Култура“ оваа претстава ја подржува како дел од целата промотивна кампања за едицијата „Маша и Медо“ која брои 5 боенки, 8 сликовници и 2 интерактивни сликовници на македонски и албански јазик, за која ги има авторски права за Македонија.

„Изданијата особено се популарни кај македонската публика. Светскиот успех ја покажува силата и потенцијалот на Маша и Медо. Приказните се издвојуваат како нешто оригинално и иновативно и едновремено и ги забавуваат и ги едуцираат децата за вредноста на вистинското пријателство, грижата, слободата икреативноста на еден забавен и ненаметлив начин. Публиката насекаде во светот позитивно реагира на тоа, што создава многу силна платформа за лиценцирање“, изјави Ана Ќовкарова директор на ИК „Култура“.

Со промотивното прикажување во 2009-та година, „Маша и Медо“ за брзо време стана една од најпопуларните анимирани серии за деца во Русија, а денес се прикажува во над 100 земји во целиот свет. Освен серијата, под лиценцата Маша и Медо се и книги со приказни, боенки, брендирани играчки, ранци и училишен прибор, украси, друштвени игри и акцесоари.

masha i medo