Тунтев: Нарачани апсења, атрактивни парцели, криминал во Охрид

Претседателот на ОО СДСМ Охрид и пратеник, Томислав Тунтев, денес одржа прес-конференција, на која истакна:

„Проектот Вистината за Македонија продолжува. Граѓаните на Охрид се приклучуваат во борбата за враќањето на слободата, демократијата и правдата.

Од градот-бисер на Балканот, јавноста ќе слушне за манипулациите со вистината и злоупотребата на медиумите од страна на власта на Никола Груевски. За парцели во Охрид, коишто се од интерес на функционерите од ВМРО-ДПМНЕ. За фабрикувани скандали и местенки пред локалните избори.
Јавноста ќе го слушне она што охриѓани добро го знаат. Дека за време на локалните избори во 2013 година, сите државни институции биле злоупотребени за партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ. Дури биле ангажирани и пара полициски структури.

Ќе слушнеме и разговори од кои лесно може да се заклучи како власта планира да го затвори поранешниот градоначалник на Охрид.

Во првиот сет од два разговори за денес, помеѓу Мартин Протугер и главниот и одговорен уредник на Сител телевизија, Драган Павловиќ Латас, ќе слушнете како и во Охрид, власта си поигрува со човечки судбини. Како се прават местенки и нарачки во провладините медиуми, невин човек, да биде јавно оцрнет и понижен.

Протугер, од позиција шеф на кабинет на Никола Груевски, договара на кој начин да се креира наводен скандал за еден директор на средно училиште, само затоа што е поставен од страна на поранешниот градоначалник на Охрид. Дрско, и без проверка на фактите се уништува угледот на еден совесен и семеен човек.

Во разговорот ќе слушнете како тој фабрикуван скандал треба да биде застапен во провладините медиуми и како да се организираат протести против директорот. Ќе слушнете и како целата манипулација Протугер сака да ја поврзе со СДСМ.

Овој фабрикуван скандал е уште една потврда за манипулациите и злоупотребата на медиумите од страна на власта на Груевски во пред изборниот период.

Слушнете ги овие два разговори:

Следува сет од три разговори помеѓу Мартин Протугер и Миле Јанакиески. Јавноста ќе слушне зошто градската власт на Никола Бакрачески не е заинтересирана за заштита на Студенчишкото блато, зошто е драстично намален појасот од блатото што треба да биде заштитен и како се игнорира нашето природно наследство за сметка на лични интереси.

Ќе слушнете како Миле Јанакиески, од позиција на министер за транспорт и врски, му сугерира на Протугер да ја регулира сопственоста на земјиштето кај Рача, во близина на остатокот на Студенчишкото блато.

Ќе слушнете како Мартин Протугер бара од Јанакиески, со странска компанија во Македонија, да договори купување на земјиштето во сопственост на Протугер и негови блиски роднини.

Протугер договара вцртување на имотот, промена на планови, урбанизација и можна продажба на земјиштето, иако на тоа место било планирана туристичка развојна зона и заштита на Студенчишко блато како споменик на природата.

Да слушнеме:

Следува поголем сет од 11 разговори кои ги потврдуваат изборните злоупотреби, изборниот криминал на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.

За време на локалните избори 2013 година, сите државни институции биле злоупотребени за партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ. МВР и полицијата, спротивно на законите, се ставени на располагање, по секоја цена да се освои Охрид. Дури биле ангажирани и пара полициски структури, или како што вели Јанкулоска „бараби“.

Првиот разговор од овој сет е помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески. Двајцата велат дека им се смачило од она што се случува, особено во Охрид.

Во вториот разговор Протугер бара ангажман на 5-6 луѓе од војската или полицијата, кои за цело време на изборната кампања би биле во Охрид и би дејствувале под негова команда.

Во следниот разговор, Протугер го запознава Љупчо Тодоровски-Радникот, тогаш директор на Бирото за јавна безбедност, дека во договор со директорот на УБК, Сашо Мијалков, се формирани пара полициски структури кои ќе бидат под негова контрола до денот на гласањето. Протугер бара а Тодоровски се согласува овие луѓе да бидат ослободени од нивните редовни полициски обврски.

И Гордана Јанкуловска е запознаена со формирањето на оваа пара полициска структура. За Јанкуловска ова се група на „бандити“, но и покрај тоа вели дека никој нема да им прави проблеми.

Веднаш по пристигнувањето на пара-полициските структури во Охрид се превзема и првата акција. Ќе слушнете како Протугер бара од Миле Јанакиески да пренесе заканувачка порака до сопственикот на приватната компанија „Илинден“, веднаш да ги запре сите градежни активности во Охрид, да го запре асфалтирањето на улиците во градот.

Во шестиот и седмиот разговор од овој сет, ќе слушнете како Протугер бара ангажман на високи полициски функционери во предизборните активности во Лескоец.

Радникот дополнително ја злоупотребува полицијата во Охрид, преку засилено присуство на теренот, да се видело кој ги поттикнува граѓаните од ромска националност да излезат и да гласаат. Истовремено се бара начин, да се изврши притисок врз тогашниот директор на ЈП Комуналец.

Мартин Протугер бара полицијата во Охрид, како што вели „се живо од МВР да излезе на улица“, да се запираат сите автомобили, за СДСМ да не победи на локалните избори.

Во последните два разговори од овој сет, ќе слушнете како Гордана Јанкулоска, иако констатира дека Протугер ги зел, како што вели, „најголемите багабонти у МВР“ ништо не превзема за сопирање на нивното насилство во Охрид. Напротив, ќе слушнете дека Јанкулоска ги штити овие пара полициски сили. Под превезот „напад на овластено лице“ се кријат вистинските насилници од внатрешната контрола во МВР.

Да го слушнеме овој сет од 11 разговори

Следува дел од СМС комуникацијата помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протугер.

Соочена со сериозните информации за бруталноста во дејствувањето на пара полициските структури Јанкулоска испраќа предупредувачка порака до Протугер:

„Ќе ни се удри од глава соработката со такви типчиња. Она што мислиш дека го прават за тебе, ќе го прават пет пати против тебе. Од искуство ти кажувам, на своја кожа сум го почувствувала“.

bomba21poraki

Протугер враќа:

„Да знаеш со кого се занимавам ќе се скинеш од смеење. Со пола цигани, египчани, фараони, луди, скати, багабонти итн. Ќе напишам посебни мемоари за ова во Охрид. Лудница е. Ќе ти кажувам“.

bomba21slikaporakaИ дополнува:

„Ама најважно е да ги згазиме J“

На крај, ќе слушнеме два кратки разговори од кои лесно може да се заклучи како власта планира да го затвори поранешниот градоначалник на Охрид.

Во првиот разговор, Миле Јанакиески, лично бара да биде уапсен Аце Петрески.

Во вториот и последен разговор, Мартин Протугер ја прашува Гордана Јанкуловска дали „ќе има нешто“ за Ацо. Јанкуловска вели дека ќе има но за тоа и требало „малце време“ за, како што вели „да не биде без врска работата“. Ќе слушнете и една реченица од Јанкуловска која ја опишува сета суровост и нечовечност на оваа власт во справувањето со политичките неистомисленици. „На кој ќе му се закачиме нема бегање“ вели Јанкуловска.

Тоа е вистината за Охрид, тоа е вистината за цела Македонија.

Почитувани граѓани. Ве повикувам заедно да се избориме за иднината на Република Македонија. Да не дозволиме ова зло повеќе да се повтори.

Продолжуваме…“– истакна Тунтев.

tuntepres1604(1) tunteslika3

Извор: www.sdsm.org.mk