Образовно рандеву 2015

Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на свеченото отворање на манифестацијата „Образовно рандеву 2015“ и на креативниот центар во ССОУ „Димитрија Чуповски“ во Велес. Адеми истакна дека со партнерите од УСАИД присуствувале на настан кој со својата содржина само покажува и докажува колку се креативни учениците.

„Една од целите на „Образовното рандеву“ е учениците од средните училишта, да можат на пазарот на труд да го „продадат“ своето знаење. Тука ќе можат да ги покажат своите вештини пред претставниците на високообразовните институции, како и пред идните работодавци, но ќе можат да видат и што тие им нудат за понатамошниот развој на лично и на професионално поле“, рече Адеми.

Адеми истакна дека Министерството за образование и наука работи на многу проекти кои на учениците им помагаат да стекнат вештини и компетенции благодарение на кои ќе можат побрзо да најдат работа, но и да одговорат веднаш на предизвиците на работното место.

„За таа цел го зголемивме бројот на практични часови во средните училишта, реформиравме наставни планови кои соодветствуваат со потребите на пазарот на труд. Ја отворивме електронска адреса praksa@mon.gov.mk, на која се пријавија 10тина компании кои изразија интерес да обучуваат ученици од соодветни струки, што ќе помогне во развојот на нивните практични вештини и способности“, рече Адеми.

Манифестацијата „Образовно рандеву 2015“, годинава се одржува по 10 пат.