Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, претпладнето во Брисел имаше средба со првиот човек на Европска народна партија (ЕПП), Жозеф Дол, чија политичка опција е најсилна во Европскиот парламент и воопшто во Европа. На оваа средба Дол изразил поддршка на евро-атлантските интеграции на Македонија и на нејзините напори за побрзо зачленување во Европската унија и НАТО.
„Се сретнав со господинот Жизеф Дол, претседател на ЕПП и голем пријател на Република Македонија и човек што и посакува добро на нашата држава. Разговаравме на повеќе теми, вклучително и темата за нашите напори за добивање на датум за преговории почеток на преговори за членство во ЕУ. Секако, разговаравме и за актуелните случувања во Република Македонија, за што детално го информирав, а тој покажа голем интерес. Се разбира, негова и цел на сите пријатели на Македонија е актуелните случувања во земјата што побрзо да се разрешат и земјата непречено да ги продолжи своите напори за почеток на преговорите за членство во ЕУ и напредок на тој план“– истакна премиерот Груевски по средбата.
Премиерот Груевски, кој е во придружба на владина делегација во која се потпретседателот на македонската Влада задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и министерот за надворешни работи Никола Попоски, попладневово Брисел присуствува на заедничката средбата на премиерите од државите од Западен Балкан со еврокомесарите за преговори за проширување Јоханес Хан и за транспорт Виолета Булц. Целта на средбата е разгледување на интегрирањето на копнениот, речниот и воздушниот сообраќај на Балканот во заедничката европска мрежа, како и инвестициска соработка и поддршка на Унијата за инфраструктурните за конкретни проекти важни за регионот.
Како што е предвидено во програмата на Европската комисија, на овој настан ќе присуствуваат шестмина премиери од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, на кои ќе им бидат претставени конкретни предлози за проекти. Оваа средба е континуитет на активностите што претходеа на претходните средби на државите на Конференцијата минатата година во Берлин и министерските состаноци во Белград и Приштина.