Роџер Санчез, ѕвездата на светската денс сцена доаѓа на Д Фестивал во Дојран

Амбасадорот на денс музиката и „Греми“ наградуваниот продуцент и диџеј РОЏЕР САНЧЕЗ го потврди својот настап на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ! Еден од водечките светски артисти во денс и хаус музиката со статус „господар на жанрот“, на големата сцена на Д ФЕСТИВАЛ ќе го претстави својот секогаш актуелен звук поради кој стекна армија фанови, меѓу кои и останатите ѕвезди од сцената кои го направија познат и како „DJ’s DJ“ и „Producer’s producer“. Минатата година се покажа како една од најкреативните и најактивните години за Роџер Санчез, продолжувајќи го успехот на неговиот S-Man псевдоним, а по подолго време и првите изданија под неговото име, како што е огромниот успех на синглот „Remember Me“ кој од фаворит во листата на Пит Тонг (Pete Tong’s Essential New tune) за кратко време прерасна во глобален радиски и клупски хит.

Покрај светските артисти и огромниот број претставници на македонската сцена, Д ФЕСТИВАЛ оваа година ги собира и најатрактивните музички имиња од регионот. На главната бина, покрај веќе потврдените изведувачи од регионот, ќе настапи и најголемиот хрватски претставник на панк рок естетиката, бендот ХЛАДНО ПИВО предводен од Миле Кекин, кои ќе настапат на Д ФЕСТИВАЛ во рамки на нивната голема балканска турнеја со новиот албум „Dani zatvorenih vrata“! Познати како мајстори на настапите во живо, со секогаш исполнети и енергични настапи, не се сомневаме дека Хладно Пиво на нивниот концерт во Дојран ќе приредат вистинско панк рок ужување.

РОЏЕР САНЧЕЗ оствари бројни хитови на светските топ листи, со творечки каталог кој брои повеќе од 2000 изданија – подеднакво со својата сопствена музика и со ремиксите кои ги направи за низа музички ѕвезди вклучувајќи ги Алиша Кис, Кајли Миног, „Дафт Панк“, Мадона, Мајкл Џексон, „Џамиракуај“, „Гарбиџ“, „Д Полис“, „Но Даут“ и „Марун 5“, благодарение на кои ја осовои и „Греми“ наградата во 2013 година. Неговиот сингл „Release Yo Self” од 1996 година прерасна во светски феномен – а под тоа име Санчез објави и неколку компилациски албуми, кои се познати како експлозивна комбинација на дип хаус, латино, трајбл и тек звуци. Роџер Санчез е и пионер на микс подкастите и добитник на првата „Best podcast“ награда во 2007 на престижните „Интернешнл Денс Мјузик Авордс“ (International Dance Music Awards – IDMA). Неговото „Release Yourself“ радио шоу е најнаградуваното диџеј радио шоу на сите времиња, со повеќе од 15 милиони слушатели и кое се емитува во повеќе од 30 земји ширум светот, а на таа листа веќе 12 години се наоѓа и македонското Антена 5 Радио. Како основач на „Стелт Рекордс“ (Stealth Records), Роџер оствари влијателни успеси и го остави најзначајниот белег во музичката хаус сцена, поддржувајќи ги најсвежите нови таленти и објавувајќи некои од најдобрите траки на највлијателните имиња од денс сцената. Неговите забави се светски познати како целовечерни доживувања, експлозивни петчасовни сетови експертски креирани да им приредат извонредно и воздигнувачко искуство на сите вљубеници во електронскиот звук, кое ви овозможува вистинско ослободување.

ХЛАДНО ПИВО доаѓа со респектабилниот опус од повеќе од две децении кариера и последниот албум, најавувајќи енергично концертно пакување! За тоа што претставува Хладно Пиво всушност и не е потребно многу да се говори. А за оние кои сепак не знаат, ќе споменеме: повеќе од 60.000 продадени носачи на звук, околу 800 одржани концерти секаде во регионот, но и европските земји, огромен број престижни хрватски признанија меѓу кои дури осум „Порин“ награди, осум „Златни Кугли“, две „Црна Мачка“, една „Даворин“ награда и најпосетувана интернет страница од сите хрватски бендови. По повеќе од 20 години неуморна панк-рок кариера и стил на живот, како и преполните и успешни концерти, освен што не’ уверија дека се одлични, момците прераснаа во синоним за најголемиот хрватски панк-рок бенд. Бендот Хладно Пиво, познат во регионот по хитовите „Питала си ме“, „Није све тако сиво“, „Само за тај осјечај“, „Пјевајте нешто љубавно“ важи за состав кој, покрај одличната музичка подготвеност, се наметнува и со проникливите текстови, пренесувајќи ја критиката на општественото секојдневие и пораката за социјално свесната публика. Во секој случај група која има што да каже, а тоа особено вреди да се чуе.

Д ФЕСТИВАЛ годинава ќе се одржува до 15 до 17 јули во Дојран. Покрај ROGER SANCHEZ и ХЛАДНО ПИВО, своите настапи веќе ги потврдија GOLDIE, TOY DOLLS, DUB PISTOLS, ЧИСТА ОКОЛИНА, BERNAYS PROPAGANDA, ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, ОБОЈЕНИ ПРОГРАМ, LOLLOBRIGIDA, ФОЛТИН, SETHSTAT & МИРКО ПОПОВ, CONQUERING LION и HYPNOTIZED на главната бина,THE PROJECT ORPHEUS, THE RED STEP, ФОНИЈА, ПАРКЕТИ, MILLKO, LEPI XHONI, САМОСТАЛНИ РЕФЕРЕНТИ, ПАЛИНДРОМ, KËPURDHAT, LEITMOTIF, MARKO GREYHOUND, ANNA O, METANOIA и PAPRIKAPAPRIKA на Mosquito Stage, MKDSL, ANDREAS HZ, MARTCHIN, MITRIK, LTX, MAGGIE, SAMARDZISKI. D.LITE, ДАРКО СТЕПИЌ, HYPERTECH, OGIE, PUKKA, HANSSHC и TECKTONE на LakeAwake Stage. Наскоро ќе бидат објавени уште многу други изведувачи и гости учесници кои ќе го одбележат шестото издание на Д ФЕСТИВАЛ!

Во моментов актуелна е и продажбата на најповолните т.е. earlybird влезници за Д ФЕСТИВАЛ, кои се достапни само во ограничен број.

7ec151e2-f9e2-4e9c-8db4-bdb7c26ec6f1