Исчистени плажите во Лагадин, Пештани и Трпејца

ЈП „Охридски Комуналец“ минатата седмица ги реализира акциите за темелно расчистување на плажите кои не се дадени под концесија на охридското крајбрежје во населба Лагадин, с.Пештани и с.Трпејца.

„Во туристичката населба Лагадин на потегот од пред хотел „Два Бисери“ до авто-камп Елешец беа подигнати 10 м3 трска и 20 вреќи отпад. Во с.Пештани беа подигнати 7 м3 трска и 10 вреќи отпад, додека во с.Трпејца 3 м3 трска и 5 вреќи отпад.

Но секогаш останува горливиот проблем за тековно одржување на плажите и подигнување на еко-свеста кај граѓаните, со цел да не се нарушува имиџот на нашиот најголем туристички центар.“- велат од претпријатието.

До почетокот на туристичката сезона ЈП „Охридски Комуналец“ на плажите во овие населби ќе ангажира комунални работници кои еднаш неделно ќе ја одржуваат јавната хигиена, а во екот на туристичката сезона плажите ќе се одржуваат секојдневно.