Оваа година се одбележува 45-годишнината од првиот организиран Ден на планетата Земја, 22 април 1970 година, кој воедно го претставува и почетокот на модерното глобално еколошко движење. Од тогаш, Денот на планетата Земја и глобалното еколошко движење забрзано растат и се шират. Денес, повеќе од милијарда луѓе во 192 земји учествуваат во активностите кои се дел од глобалниот настан посветен на планетата Земја.
Со одбележувањето на Денот на планетата Земја се инспирира свесноста за животната средина и целото човештво заеднички апелира за потребата од заштита на нашата планета.
Како и досега, Денот на планетата Земја, носи големи позитивни промени во однос на заштитата на животната средина. Оваа година фокусот се става на посебните еколошки предизвици на денешнината, како и настојувањата за интегрирање на одржлив економски развој со барањата за почиста животна средина како основно човеково право.
За многумина, климатските промени се како далечен проблем, но реалноста е дека тие веќе влијаат врз луѓето, животните и местата ширум светот.
Ова е годината кога човештвото се оттргнува од фосилните горива, насочувајќи ја својата финансиска моќ кон обновливите извори на енергија, свесно дека се работи за иднината на нашата планета и за опстанокот на целиот жив свет на Земјата.