Хепенинг по повод Денот на планетата Земја

По повод одбележувањето на Денот на планетата земја, на градскиот плоштад Св. Климент Охридски се одржа хепенинг со наслов „ Охрид фин, зелен и син“ . На хепенингот се обрати и градоначалникот Никола Бакрачески.

„Грижата за природата и заштитата на човековата околина се фундаменталните области на општественото живеење и претставуваат есенција на идентитетот и развојот на секоја заедница, град, регион или држава.

Овие постулати ги рефлектираат и приоритетните цели на локалната власт во Охрид- да се грижи за заштита на природата и човековата околина кои заедно со нашето богато културно наследство претставуваат фундамент поради кој УНЕСКО го препознава Охрид како еден од 28-те градови во останатиот свет.

Токму затоа грижата за природното и културното наследство на Охрид е и треба да биде цврста и приоритетна определба за мене како Градоначалник, за сите Вас овде присутни, за сите Охриѓани но и за сите граѓани на Република Македонија.

Како донесувачи на одлуки мора да бидеме одговорни не само за сегашните генерации туку и за генерациите кои доаѓаат- Она што ние го чиниме денес како ехо одекнува во иднината.

Боите на природата зелена и сина кои се дел од слоганот на денешниот хепенинг изобилуваат во Охрид, сината изразена во езерските длабочини, а зелената во нашите планини.

Во оваа прилика би сакал да го искажам моето задоволство но и очекување за понатамошна плодна соработка со нашите партнери од соседна Албанија за ефективно усогласување на идентификуваните приоритети во однос на заштитата на езерските води и живиот свет кој егзистира во нив.

Веќе две години како локална самоуправа силносме посветени на изнаоќање можности за реконструкција, репарација и надоградба на колекторскиот систем околу езерото заедно со Владата на РМ и Јапонската влада преку чии грантови е реализирана физибилити студијата за оваа намена која првично ја даде проценката на оштетувањата на колекторскиот систем, а во завршна фаза е студијата на изводливост за реконструкција и надградба на истиот.

Ќе следи обемна проектна документација после која се надеваме дека со помош на Владите на Република Македонија и Јапонија и Европските фондови ќе се обезбедат финансиски средства за реализација на овој најголем, најважен но во исто време неодложен проект за заштита на езерото.

Осум години по ред Охрид е дел од приказната за засадување на иднината на Македонија- Национална визија за заштита и обновување на природата во чии рамки активно партиципираме и придонесуваме за развојот и подигањето на свеста кај локалното население.

Ја користам оваа прилика да ги поздравувам организаторите на овој настан пред се Здружението за унапредување на меѓусебна доверба ТАКТ на учесниците кои волонтерски се вклучија во одбележување на настанот и во исто време да им се заблагодарам за нивните напори да се подигне еколошката свест на населението, да се укаже на добрите чекори добрите чекори кои треба да ги направиме, но и на лошите пракси со кои во минати времиња свесно или не, се уништувало природното наследство кои не учат дека „ цвеќето се налева со вода додека е живо“.

Во тој контекст грешките од минатото мора да бидат патоказ за иднината, во која треба да го овориме срцето кон природата и да се заветиме дека ќе ја чуваме“ – рече во обраќањето градоначалникот Никола Бакрачески.

hepening_4001