Седумдесетина деца од предшколска возраст од детските градинки „Развигорче“, од централната во Охрид и подрачната градинка во Лескоец, денес имаа посета и едукативен час во полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“.
Со активностите на езерската полиција во заштита на државната граница и заштита на рибниот фонд на Охридското езеро како и за другите мерки и корисни информации поврзани со работата, денес најмладите ги запозна командирот на полициската станица за граничен надзор-самостоен инспектор Миле Колески. Командирот заедно со тимот на езерската полиција, на најмладите им покажаа и дел од опремата и материјално-техничките средства што ги користи езерската полиција.
Најмладите со виден интерес ги видоа полициските чамци и глисери, како и возилата и полициските моторцикли што постојано се користат во секојдневното извршување на работните задачи.
Денешната посета на децата од детските градинки е планирана активност во рамките на проектот „Мојот пријател полицаец“.