Претседателот Иванов на одбележување на 100 годишнината од битката на Чанаккале

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов престојува во работна посета на Република Турција, на покана на претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган, по повод свеченостите за одбележување на 100 годишнината од битката на Чанаккале.

Претседателот Иванов присуствуваше на главната сесија на конференцијата „Првата светска војна на нејзината 100 годишнина”, на која учествуваа и премиерите на Турција, Австралија, Нов Зеланд и претседателот на Ирак, како и на вечерата која во чест на шефовите на држави и влади ја приреди претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган. Претседателот Иванов учествуваше и на свеченостите во меморијалниот центар на жртвите од Комонвелтот, „Cape Helles Commonwealth Memorial” во Чанаккале.

Покрај македонскиот претседател на церемонијата присуствуваа државници од над 60 држави од целиот свет, меѓу кои дваесетина шефови на држави, премиери, министри, претседатели на парламенти, како и претставници на меѓународни организации. Меѓу присутните беше и Н.В. Принцот Чарлс кој имаше свое обраќање во име на Сојузниците, претседателите на Ирска, Ирак, Азербејџан, Албанија, Црна Гора, Косово, претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, емирот на Катар, како и премиерите на Австралија, Нов Зеланд, спикерот на руската Дума.

Во делегацијата предводена од претседателот Иванов е и началникот на Генералштабот, Горанчо Котески.

canakale_1