ВМРО-ДПМНЕ денеска во Охрид во спортската сала „Билјанини извори“ одржа народен собир. Јавноста имаше можност да ги чуе позициите на партијата за повеќе актуелни теми и предизвици, повторно беа испратени јасни пораки за тоа што се залага и за тоа што го планира ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период.
Прв на присутните на големиот народен собир на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид се обрати градоначалникот на општината, Никола Бакрачески. Тој истакна дека во времето на претходното владеење во градот кога сакале да ја презентираат својата програма во спортската сала „Билјанини извори“ не им било дозволено.
„Но, еве сме сега овде во преполна сала“ – рече Бакрачески, кој додаде дека избрале храброст, верба и сила која ја докажува бројноста на присутните што кажува за силата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Суштината на нашето работење е нашиот континуитет, токму затоа во 2013 година граѓаните на Охрид кажаа не за претходниот начин на владеење, од погубните политики на локалната власт и ја покажаа желбата за промени во Охрид.“– рече Бакрачески.
Бакрачески ги наброја загубите во општината, трупањето на долгови на сите јавни претпријатија, затворањето на многу фирми во времето на претходното владеење на СДСМ.
„Но, денес наша грижа е иднината. И ние никогаш нема да ги повториме старите долгови. Ветивме отчетност и одговорност, храбра и верна игра и љубовта кон Охрид, работи кои ќе бидат препознаени во нашата работа“ – рече Бакрачески.
Втор пред присутните на големиот народен собир на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, се обрати пратеникот Антонио Милошоски.
„Многу е подобро да те осудат за верност, отколку да те наградат за предавство. За жал, Зоран Заев и Бранко Црвенковски сметаат дека е подобро да бидат наградени за предавство, да бидат наградени со власт од луѓе кои сакаат да и нанесат штета на Република Македонија. Заев и Црвенковски сакаа да не разединат, но единствено успеаја да не обединат. Единствено штета и нанесоа на Македонија и го нарушија нејзиниот меѓународен углед. Зоран Заев со шпионирање нема да стаса никаде, а зад Владата се граѓаните и делата. Тој со своето однесување и прави штета на само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на Македонија“, рече Милошоски.
Пред присутните на народниот собир во Охрид свое обраќање имаше и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
„Охрид заслужува повеќе и ние навистина правиме максимум колку што можеме да помогнеме во повеќе области каде тоа е возможно. Свесен сум дека има доста проблеми, свесен сум за секојдневието во Охрид, знам најизворно за вашите проблеми и знам дека мора да направиме нешто повеќе, иако и досега направивме многу нешта“, истакна Груевски.
Посочувајќи дека и опозицијата неодамна имаше настан во Охрид, рече дека токму таа го заглави Охрид во над 35 милиони евра долгови од кои, како што рече, глава не можеме да кренеме веќе две години, долг кој го враќа локалната самоуправа и кој досега е намален за 3 милиони евра, а исплатени се над 8 милиони евра камати.
„Е, тоа е истата опозиција која го удави Охрид во криминалии, во перење пари, во незаконски набавки и договори, истата опозиција која шуруваше со подземјето, чии експоненти со нога ја отвораа вратата на градоначалникот, го киднапираа и третираа како измеќар, град во кој изборите на СДСМ истите тие од подземјето му ги добиваа со купување гласови, со притисоци и закани кон граѓаните од сите заедници, а за возврат добиваа тендери и бизниси со општината, си креираа и договараа задолжувања и на најбрутален и безобразен начин го клекнаа Охрид на колена со 50 милиони евра долг, кој е голем за државата, а камоли за Охрид“, рече Груевски.
Е тие луѓе, додаде, сакаат охриѓани да заборават на сите криминали и глупости на поранешниот градоначалник, на сите тие ликови кои го третираа Охрид како нивна приватна своина која треба да ја раскрчмат и ограбат.
„Но, Охрид не само што не заборава, Охрид враќа и затоа на изборите ВМРО-ДПМНЕ победи со толку голема разлика, затоа во два изборни циклуси по ред разликата во гласови е толку голема што не можат да најдат ниту еден единствен, ниту меѓу нивните, кои би им поверувал дека сме победиле заради нешто друго. Но, тоа е токму заради вистината, а тоа е поддршката на народот. Охриѓани враќаат и тоа така и треба. И ние сме свесни за тоа. Како што сме свесни и за очекувањата кои Охриѓани ги имаа од нас и од градоначалникот, очекувања кои беа доста високи, и со право високи“, истакна Груевски.
Повторно осврнувајќи се на настанот на опозицијата во Охрид рече дека тогаш биле објавени работи кои ги сецкале и монтирале, притоа давајќи им некаков контекст со бомбастична најава која, како што рече, нема никаква врска со реалноста.
„И тоа не е за џабе што овој токму во Охрид го објави тоа со Господ, човекот е суеверен, има доста цркви низ градов и си рекол, право место да си ја пласирам оваа теза за себе, луѓево во Охрид се големи верници и може ќе поверуваат. Настрана тоа што веројатно, скраја било, тој самиот си верува во тоа. Всушност, не знае човек што е полошо, почудно и поналудничаво, така намерно да пласира сакајќи да убеди некого во тоа и притоа тоа да го прави од политички лукративни причини да привлече гласови на база на тоа дека е пратен од Господ или стварно да мисли самиот за себе дека Господ го пратил него од нивите во Муртино да ја ослободува Македонија. Но, ова би го оставил на стручни лица и аналитичари да го толкуваат, јас не сум најстручен во тие области“, рече Груевски.
Зборувајќи за последното писмено обраќање на Бранко Црвенковски, рече дека тој им ги поматил сметките и им внел мала дилема.
„Ама, ќе им се разбистри за кратко, кога ќе си дојдат бранковистите и ќе им кажат, абе како не разбравте досега дека Бранко е всушност Господ. Тој го црпна овој од нива и го пушти слободно вака да си ја ослободува Македонија. Претходно добро го подготви и го лансираше во ѕвездите. Тоа е Бранко кога ќе те лансира, лансирано е, ѕвезда си. Можам да замислам како непријатно изгледало ова пиењето кафе меѓу Заев и Бранко, кое Бранко не го ни спомна, а Заев растреперен од радост и восклик го кажа на прес-конференција.
Можам само да замислам, додаде, како Бранко му зборел на овој, „браво Зоки, само напред, продолжи вака, многу си храбар, всушност ваква храброст досега не сум видел, чудо од храброст, потоа продолжил сигурно и не само што си храбар, туку си и многу паметен знаеш, мене ова не би ми текнало, вака да терам, генијалец си… и голем патриот си вака те гледам, стварно патриотски тераш, и Грците, а и едни други се целосно убедени во тоа, само продолжи вака“.
Ај едниов што е марионета во сценариово, ќе си рече човек толку му сече, нека се радува, ама другиов што пробува да се претстави како некој нов да е, како да не го познаваме, демек сега се појавил во политиката, како да не го паметиме, како да не знаеме кој е и што прави, кој бил и што правел, е тоа не ми се верува вака кога го гледам. Но, како и да е, овие од нивните општински јако пробуваат да ги имитираат и тоа е најсмешниот дел во сета оваа трагикомедија, која ја спроведува СДСМ“, рече Груевски.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ одржа вакви народни собири во повеќе градови во Македонија.