Претседателот Иванов се сретна со премиерот на Кралството Норвешка, Ерна Солберг

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Њујорк, во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, оствари средба со премиерот на Кралството Норвешка, г-ѓа Ерна Солберг.

На средбата двајцата соговорници изразија подготвеност за продолжување и унапредување на соработката во сите сфери на заеднички интерес, како и за интензивирање на политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Кралството Норвешка.

„Во наредниот период неопходно е да го зајакнеме политичкиот дијалог на сите нивоа, што треба да резултира со зголемена динамика и содржина на соработката, особено во сферата на економијата и безбедноста“, истакна претседателот Иванов.

Македонскиот претседател се заблагодари за досегашната помош и поддршка на Норвешка, преку чии бројни проекти, се унапредуваат значајни сегменти и сектори во македонското општество.

Премиерот Солберг упати честитки по повод 25 годишнината од независноста на нашата држава и ја реафирмираше посветеноста на Норвешка за евроатлантската ‎интеграцијата на земјите од Балканот притоа истакнувајќи дека како и до сега така и во иднина нејзината земја ќе биде поддршка и ќе остварува блиска соработка со Република Македонија.

Претседателот Иванов и премиерот Солберг се договорија за интензивирање на соработката и поддршката на мултилатерален план.