Груевски: Интензивни инвестиции во Охридската, Кичевската и болницата Свети Еразмо

Целосна реконструкција, адаптација и доградба на објектот на специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“, најави премиерот и лидер на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски на народниот собир во Охрид.

За ова, според него, ќе бидат инвестирани околу 3.5 милиони евра.

„Во фаза е изработка на основен проект, а почетокот на првата фаза од градежните работи ќе започне наредната година,“ истакна Груевски, додавајќи дека во тек е постапката за набавка на дигитален рендтген апарат за оваа болница.

Во овој регион, потсети премиерот, во тек е изградбата на новата болница во Кичево, за која објави дека до крајот на годинава ќе почне со реализација на втората фаза, која комплетно треба да заврши кон крајот на 2016 година. Проект во вредност од над 3 милиони евра.

„Проект со кој Кичево и регионот ќе добие нова современа општа болница со цел задоволување на потребите на над 80.000 жители. Од огромно значење е за жителите на Кичево и кичевско“, рече Груевски.

Во здравството изминатите години во овој регион, додаде, вработени се 157 лица, од кој 71 доктор.

„За подобрување на здравствената заштита и услуги во руралните средини овозможивме отворање на осум нови рурални аптеки, а проектот рурален доктор се спроведува во 16 населени места во општината Дебарца“, потсети Груевски.

За изградба на здравствени објекти и набавка на нова современа опрема во Охрид и регионот вложени се околу 11 милиони евра.

„Само во Охрид вложени се околу 6.5 милиони евра, со кои меѓу другото извршивме комплетна реконструкција и адаптација во Општата болница Охрид, извршена е и набавка на современи апарати за компјутерска томографија, најсовремени ЕХО апарати, апарати за анестезија, гастро кабинети, инкубатори и друга медицинска опрема. Во постапка е набавка на шест нови мамографи од кои еден ќе биде лоциран овде во болницата во Охрид, а обезбеден е и нов апарат за компјутерска томографија,“ истакна Груевски.