Официјално претставен Љубинко Друловиќ – новиот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија

Новиот селектор на А репрезентацијата на Македонија, Љубинко Друловиќ денеска во „Куќата на фудбалот“ официјално беше промовиран на својата нова должност.

Поранешниот прославен фудбалски ас на гигантите Порто и Бенфика и тренер кој ја предводеше селекцијата на Србија до 19 години до златниот медал на Европското првенство во наредните две и пол години ќе биде селектор на македонската репрезентација.

„Секој избор на нов селектор е важен, сите ние сме професионалци и зависиме од резултатите, нѐ радува тоа што имаме прилика да го претставиме големото име на европскиот фудбал Љубинко Друловиќ како нов селектор на репрезентацијата. Ние како Федерација можеме да ветиме дека како и за досегашните селектори, ќе овозможиме максимална поддршка, идеални услови за работа со цел селекторот целосно да се посвети на својата работа. Веруваме во неговите квалитети, способности и професионализам, се надеваме дека ќе ги подигне стандардите на работа и дека ќе донесе резултати“. – изјави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски на претставувањето на Љубинко Друловиќ.

Во стручниот штаб на репрезентацијата ќе бидат португалецот Луиз Диого Кампос, тренерот на македонскиот шампион Игор Ангеловски и поранешниот репрезентативец Арѓент Беќири.

„Благодарност до сите за изкажаната поддршка. Изборот да бидам селектор на репрезентацијата на Македонија за мене претставува предизвик и голема одговорност. Од овој момент можам да ветам дека ќе дадам сѐ од себе да ја оправдам довербата и очекувањата, да докажам дека мојот избор е добра работа за македонскиот фудбал. Заедно со стручниот штаб ќе разговараме за моменталната ситуација во тимот, за тоа како го гледаме фудбалот, ќе направиме објективна анализа и потоа сѐ што е потребно за да имаме заедништво, бидејќи оваа екипа има задача на теренот, а тоа е во секој натпревар да го даде максимумот и да се бори за позитивен резултат. Ги гледавме натпреварите на Македонија, имаше грешки и ќе се обидеме да ги поправиме. На натпреварите видов 11 борци, но секој за себе. Ако работиме заеднички, како целина, тогаш ќе се врати и надежта, ќе дојде и успехот и добрите резултати. Треба да се обединиме, не само како екипа, туку и како нација која го поддржува својот тим, сигурен сум дека и навивачите не ја напуштиле оваа репрезентација, ќе бидеме среќни ако се со нас на натпреварите.“ – истакна Друловиќ.

PressDrulovicGjorgjioski