Пуштени во употреба реновираните простории во ОУ „Братство-Единство“

Во Основното училиште „ Братство Единство“ денеска беа ставени во употреба реновираните простории на училишните згради во Крст џамија и Лескајца , што е дел од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, а се имплементира преку Македонскиот центар за граѓанско образование.

На свеченоста, што се одржа во училишната зграда во Лескајца , лентата ја пресекоа и реновираните простории ги пуштија во употреба градоначалникот Никола Бакрачески, Дејвид Кокс од канцеларијата за одбрамбена соработка во амбасадата на САД во Република Македонија и Муамер Доко директор на ОУ „ Братство Единство“ .

„Денеска, заедно ќе ги прославиме подобрените услови за нашите деца во училишната заедница. Придобивките од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието се големи и значајни за соживотот меѓу учениците и наставниците во училиштето, бидејќи со нив се овозможува надминување на предрасудите и стереотипите кои постојат. Се овозможува меѓусебна соработка, дружење и осознавање на културата на другата заедница. Поради ова, како градоначалник, упатувам голема и срдечна благодарност до мисијата на УСАИД и на ЕУКОМ ( Европската команда на Американската војска ) за несебичната поддршка која ја даваат во насока на создавање поволна средина за еден современ воспитно-образовен процес“– рече на свеченоста градоначалникот Никола Бакрачески.

Претставникот на Канцеларијата за одбрамбена соработка во Амбасадата на САД во Република Македонија Дејвид Кокс, рече дека преку проектите на УСАИД , американскиот народ од 2012 година помогнал во реновирање на 35 училишта, а за годинава се планира помош уште за десет училишта. „ Вашето училиште има обучен тим за меѓуетничка интеграција во образованието и работи со користење на три наставни јазици- албански, македонски и турски“ – рече Дејвид Кокс. Тој додаде дека покрај за одвивање на проектот, за ОУ „ Братство Единство“ за подобрување на условите за работа помогнале со околу 26.500 американски долари.

Инвестицијата за реновирање на училиштето изнесуваше 1.084.857,оо денари од кои со 120.947,оо денари учествуваше општина Охрид , со ангажирање на Јавните претпријатија „ Комуналец“ и „ Градски гробишта“ .Според директорот на ОУ „ Братство Единство“ , Муамер Доко во реализацијата на целокупниот проект имало тесна соработка со училишниот персонал, училишниот одбор, советот на родителите и Локалната самоуправа.

Во текот на свеченоста имаше презентација на работилниците за јазик и мултикултурни активности, пинг- понг и игри на бетон.