Во рамките на своите заложби и активности за надградба на човечките и материјално-технички капацитети, Црвен крст Охрид активно соработува со организацијата на Црвен крст Зеволде, Холандија. Како резултат на таа соработка, во периодот од 29-ти април до 5-ти мај, во работна посета на Црвен крст Охрид ќе претстојуваат тимови на инструктори и тренери по прва помош од Црвен крст Зеволде и Националниот здравствен сервис на Холандија, кои, со тимовите за спасување на вода и спасување на планина и непристапни терени и тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид ќе реализираат заеднички обуки за укажување прва помош.
Активностите ќе бидат финализирани на 4-ти мај (понеделник) со изведување на заедничка, јавна показна вежба на делување при несреќа (според соодветно сценарио) на институциите надлежни да делуваат во такви ситуации-СВР Охрид, Здравствен дом Охрид-Итна медицинска помош, Противпожарната единица, Центар за управување со криззи, Дирекција за заштита и спасување, Локална самоуправа Охрид, Црвен крст Охрид.
Гостите од Холандија при посетата во Охрид, за потребите на Црвен крст Охрид ќе донираат специјално возило наменето за интервенции на тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид при несреќи и транспорт на повредени, како поддршка на делувањето на Единицата за безбедност на вода и Единицата за спасување на планина и непристапни терени.