Република Македонија по втор ќе го одбележи Глобалниот ден за хигиена на рацете (5 мај) на заеднички настан организиран од страна на Мултисекторска комисија за следење на антимикробната резистенција при Министерството за здравство, Медицинскиот факултет во Скопје, Институтот за јавно здравје и Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум”. На истиот настан ќе се лансира и онлајн обуката за здравствени работници за рационално пропишување антибиотици, која е заеднички проект со Медицинскиот факултет при Универзитетот Станфорд од САД.
Свесни за ефектот на хигиената на рацете и нејзината правилна примена, Република Македонија и оваа година се приклучува во одбележувањето на Светскиот ден за хигиена на рацете. Настанот ќе се одржи денес во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје, со почеток во 11,00 часот.
Хигиената на рацете е една од првите постапки која ја учиме уште од мали деца со цел да ги спречиме инфекциите кои се пренесуваат прееку валкани раце. „Измите ги вашите раце после користење на тоалет и пред контакт со хранаˮ. Едноставна, ефтина и брза постапка која ја практикуваме во секојдневниот живот.
Голем број на инфекции се пренесуваат со директен контакт (човек-на – човек, аеросоли или капки) и контакт со контаминирана храна и животни. Хигиената на рацете е често клучен момент во превенција на овие заболувања како во заедницата, така и во болнички услови.
Контролата на инфекции во 21 век во голема мерка се должи токму на оваа постапка. Со хигиената на рацете се спречуваат голем број на инфекции во болниците, особено на инфекции со мултирезистентни бактерии. На тој начин се намалува вкупната употреба на антибиотици, се намалува развојот на резистенција на микроорганизмите кон антибиотиците и се запазува нивната ефективност.
Јасно е. Чистите раце, спасуваат животи.