Министерството за здравство ги повикува сите заинтересирани лица да се пријават на огласот за надворешен соработник за развој на соработка со странски медицински центри и договарање работен ангажман на врвни странски доктори од различни области во јавните здравствени установи низ државата.
Ангажманот на соработникот се состои од воспоставување контакти со странски медицински центри, како и непосредни контакти со повеќе доктори, а во зависност од потребите, ангажманот може да вклучува и посета и престој во странски држави. Ангажираниот соработник треба да поседува добри комуникациски и менаџерски вештини.
Воедно, кандидатот за соработник треба да ги исполнува следните услови: завршено високо образование од која било област, а предност при селекцијата ќе имаат дипломирани доктори по општа медицина, дипломирани фармацевти и дипломирани стоматолози, како и одлично познавање англиски јазик, за што треба да поседува соодветно признание (TOEFL или друга меѓународно призната диплома).
Заинтересираните кандидати можат да испратат кратка биографија (CV) и потврда за познавање англиски јазик во архивата на Министерството за здравство, или по пошта на адресата: ул. 50 Дивизија бр.14, 1000 Скопје, со назнака: „Оглас за ангажирање надворешен соработник за развој на соработка со странски медицински центри“.